Домашен сируп за природен сок од нане

Нането е доста спомнувано и корисно растение кое често се користи како зачин, одлично е како додаток во пијалаци и чај, а сега ви предлагаме малку покреативен рецепт за подготовка на домашен и природен сок од нане, кој убаво ќе ве освежува цело лето.

Она што не треба да ве изненадува при подготовката на домашниот сок од нане  е количината на шеќер која е поголема, со оглед на тоа што вие ќе подготвите сируп кој потоа ќе можете да го растворите со обична или минерална вода и ќе биде доволно благ според вашиот вкус. Покрај тоа, сирупот од нане одлично се вклопува во разни коктели, а припремата е крајно едноставна.

домашен сок од нане

Состојки:

  • 1/2 кг свежо нане (листови и гранчиња)
  • 3 кг шеќер
  • 4 литри вода
  • 1 ќесичка лимонтус.

Подготовка:

  1. Шеќерот прелијте го со ладна вода и ставете го на оган малку да вари, исто како кога правите шербет.
  2. Намалете ја температурата и оставете покриено да се вари околу 30 минути.
  3. Потоа, откако се оформил сирупот додајте ги лимонтусот и свежото нане, па добро измешајте.
  4. Поклопете го садот и оставете да стои 24 часа, а наредниот ден исцедете го сокот преку чиста газа и соберете го во стерилни шишиња. Чувајте го на темно и ладно место.

Освежителниот сок од нане е спремен за сервирање, уживајте во него летово!

Сподели: