Домашна лутенка со кечап 1

Домашна лутенка со кечап – традиционален вкус на полесен начин

Ќе уживате во секој залак! Топол леб намачкан со лутенка и малку сирење за прилог и тоа како годи за закуска со семејството! Есента е време кога специјалитетите и зимниците со пиперки го достигнуваат својот врв. А ние, инспирирани од светот на вкусовите пробавме традиционалните ноти да ги надополниме со нешто ново и направивме лутенка со кечап. Испробано, ќе ве одведе во нова вкусна „димензија“!

Овој рецепт за лутенка го правиме секоја година, само што овој пат, направивме мала измена во состојките и наместо со домати го направивме со кечапот на Витаминка. Тоа помага да се скрати време на подготовка, а печењето на пиперките во рерна, наместо на шпорет, е одлична алтернатива која подготовката ја олеснува и тоа како! Како што очекувавме, излезе многу вкусна, па препорачуваме да ја пробате и секако да ни кажете како ви се допадна.

Домашна лутенка со кечап 2

Од предложената доза ќе добиете 4-5 тегли зависно од големината на истите.

Состојки:

  • 10 кг црвени пиперки
  • 2 кг домати
  • 1 л кечап од Витаминка (лут или благ по вкус)
  • 1-1.2 л Брилијант сончогледово масло
  • 2-3 лажици алкохолна киселина
  • околу 4-5 лажици сол (по вкус, најдобро да започнете со помалку, па постапно да додавате по потреба)
  • 1 главица лук
  • 3-6 лути пиперчиња по вкус
  • 2 китки магдонос (по желба може и повеќе)
Домашна лутенка со кечап 3 Домашна лутенка со кечап 4

Подготовка:

  1. Пиперките измијте ги и оставете ги некое време да се исушат. Исто така, може да ги избришите со помош на чиста крпа.
  2. Така припремени, ставете ги да се печат во добро загреана рерна на 220-230 степени. Печењето може да го направите на решетката од рерната или во плех. Овој метод го предлагаме како полесен, а доколку сакате, може да ги печете на скара или плотна од поголем шпорет. Во било која варијанта, печете додека се оформи лушпа која лесно се оддвојува од пиперките.
  3. Печените пиперки ставете ги во поклопен сад и оставете ги да стојат така затворени барем 30 минути. Тоа ќе помогне за полесно да се лупат, а и малку ќе се изладат. Потоа, отстранете им ги лушпите и дршките заедно со се семките.
  4. Ставете ги во мрежа или подврзани во газа, за малку да се процедат. Овој чекор не е неопходен и по потреба може да го прескокнете. Потоа, излупените и исчистени пиперки, измелете ги или може да ги искинете на долгнавести парчиња, зависно од желбата.
  5. Доматите исечкајте ги на поголеми парчиња. Исечканите домати ставете ги во поголемо тенџере да се варат. На почетокот постојано мешајте, а штом доматите пуштат сок оставете ги да се варат додека половина од течноста испари. За време на варењето, повремено мешајте.
  6. Во меѓувреме, во големо тенџере на оган, ставете го Брилијант маслото, заедно со киселината и солта (околу 4-5 лажици сол – по вкус, најдобро да започнете со помалку и постапно да додавате по потреба) да се загреат и убаво да се соединат.
  7. Откако добро се загреала смесата и почнува да врие, во садот на оган додајте ги сечканите пиперки и кечапот од Витаминка.
  8. Пржете 1-2 часа на умерена температура, а при тоа постојано мешајте. Кон крајот додајте ги варените домати и продолжете со пржењето додека лутенката постигне густина која ви се допаѓа.
  9. Во последниот половина час од пржењето додајте ги зачините. Лукот излупете го, измијте го и исечете го на ситно или иситнете го со помош на алатка за лук за рамномерно да се распореди низ целата смеса и да не се познава на лик. Магдоносот измијте го и исечкајте го на ситно, а лутите пиперчиња исто така. Доколку не сакате да биде многу лута, за време на пржењето, може да ги оставите цели, а потоа да ги отстраните.
  10. Готовата домашна лутенка ставете ја во чисти, претходно стерилизирани тегли кои добро се затвораат.
  11. Теглите треба да ги припремите претходно. Измијте ги, исушете ги и стерилизирајте ги во рерна (загрејте ја на 100 степени и оставете ги да стојат внатре најмалку 15-20 минути). Најдобро е овој чекор да го направите непосредно пред ставањето на лутенката во нив.
  12. Стерилизираните и чисти тегли наполнете ги со врелата лутенка. Добро затворете ги и превртете ги за вакуумот да ја доврши својата работа, односно лутенката да биде трајна и да не се расипува. По желба, како дополнување на тоа, затворените тегли можете да ги ставите повторно во загреана рерна на 100 степени, за време од неколку минути.
  13. На крај, оставете ги да се изладат и чувајте ги на ладно и темно место. На здравје!
Домашна лутенка со кечап 6 Домашна лутенка со кечап 5

Ви препорачуваме да прочитате: Крцкави печени тиквички со сос од кечап и мајонез.

*Комерцијален рецепт.

Сподели: