домашни кифлички полжавчиња со ајвар

Домашни кифлички – полжавчиња со ајвар

Време е за вкусни домашни кифлички кои изгледаат многу примамливо! Во нашата кујна замесивме тесто и направивме полжавчиња со ајвар. Доколку сакате да ги направите во блага верзија, наместо ајвар користете мармалад или чоколаден крем со лешници.

Може уште да ги наречеме македонски кифлички кои сервирани со парче бело сирење се типичен претставинк на македонската кујна и традиција за месење на вкусни специјалитети. Како и да ги направите, гарантираме дека се многу вкусни!

домашни кифлички полжавчиња со ајвар

Состојки:

  • 600 грама брашно
  • 40 грама свеж квасец
  • 2 лажички шеќер
  • 1 лажица сол
  • 100 грама путер
  • 300 мл млеко
  • ајвар по потреба
  • јајце за премачкување
  • сусам по потреба.

Подготовка:

  1. Во сад за месење ставете го квасецот, 1 лажичка шеќер, 100 мл млако млеко и 1 лажица брашно. Измешајте со лажица додека квасецот се растопи и се добие хомогена смеса. Садот оставете го на топло место за време од 5 од 10 минути додека квасецот нарасне.
  2. Млекото и путерот ставете ги во сад на тивок оган. Мешајте додека путерот се растопи.
  3. Потоа, во садот додајте го брашното, преостанатиот шеќер, солта и растопениот путер со млекото. Од наведените состојки замесете меко тесто, а по потреба додавајте брашно. Мекото, компактно тесто ставете го во садот, покријте го со кујнска крпа и оставете го тестото да двојно да нарасне.
  4. Нараснатото тесто поделете го на 16 еднакви делови, а од секој дел формирајте мала топка. Земете една топка и со помош на сукало исучете овална кора со дебелина од 3 мм.
  5. Вака исучената кора намачкајте ја со ајвар. Со помош на нож, кората во средината пресечете ја на ленти со ширина од 1 см, а притоа внимавајте краевите да останат цели. Потоа, кората свиткајте ја како ролат. Ролатот свиткајте го како полжавче.  Постапката повторете ја со сите топки.
  6. Вака формираните кифлички редете ги во тава обложена со хартија за печење.
  7. Рерната приклучете ја 250 степени, а додека се загрее оставете ги кифличките да нараснат.
  8. Пред печењето, кифличките премачкајте ги со разматено јајце и наросете ги со сусам по желба. Печете ги за време од 15 минути, додека добијат убава румена боја. Печените домашни кифлички – полжавчиња со ајвар покријте ги со чиста кујнска крпа и оставете ги да се изладат. На здравје!

Сподели: