Домашно суши со срирача – мајо сос

Марија од нашиот тим е експерт за суши! Толку добро ги приготвува, што мораше да ги фотографира и да го сподели нејзиниот омилен рецепт за домашно суши со сите нас. Ако ја следите на Инстаграм, сигурно сте виделе различни суши, како змеј – dragon roll, california roll… А сега ве повикуваме да го испробате рецептот и да направите незаборавна јапонска трпеза во својот дом, подобра и од ресторан! Како ви се допаѓа идејата? 

„Често правам суши, најмалку 3-4 пати во месецот. Најмногу ги обожаваме со внука ми, па речиси секој викенд мора да имаме суши. Ги имам правено во различни варијанти, а сега го споделувам рецептот кој ни е еден од омилените.  Се надевам дека ќе ве освои, па ако сте љубител на риба, задолжително пробајте го рецептот. И што е важно, секогаш послужувајте го со соја сос.“ – вели Марија

домашно суши

Состојки:

  • 2 листови алги нори
  • 1 чаша ориз
  • ½  до 1 мала лажичка јаболков оцет (или оцет од ориз)
  • ½ авокадо
  • ¼ краставица
  • 1 варен морков
  • 50 г чаден лосос или туна, рибини прсти, сурими стапчиња, пржени ракчиња…
  • соја сос. 

За срирача сос:

  • ½ чаша мајонез
  • 1 до 1 ½ лажица срирача сос
  • 1 лажица свежо цеден сок од лимон по желба
  • ½ мала лажичка лук во прав
  • сол.

Подготовка:

  1. Во тенџере на оган ставете 2 чаши вода да се варат. Во зовиената вода додајте го оризот и варете го 10-тина минути на средна температура. Потоа исклучете го шпоретот, а тенџерето затворете го со капак и оставете го оризот уште 5-10 минути за да ја апсорбира течноста. Тенџерето тргнете го од ринглата и оставете го оризот да се излади.
  2. Во меѓувреме направете го срирача – мајо сосот. Во мал сад ставете ги сите состојки за сосот и измешајте ги.  
  3. Изладениот ориз ставете го во сад и додајте го оцетот. Измешајте. 
  4. Авокадото излупете го и исечете го на тенки ленти. Морковото и краставицата исечете ги на тенки ленти. 
  5. Подлогата од бамбус обложете ја со најлонска фолија или ставете ја во тенка најлонска ќеса.
  6. Врз подлогата ставете ја алгата, при што сјајна страна треба да биде од долната страна.
  7. Врз неа со навлажнети раце распоредете го оризот, така што треба да оставите 1 см од едниот крај без ориз. 
  8. Врз оризот, на околу 2-3 см од почетокот на алгата ставете ленти лосос, краставица, морков и авокадо. Со помош на подлогата свитајте го сушито како ролат.
  9. Со остар нож пресечете го сушито на половина. Потоа секој дел пресечете го на половина и повторно пресечете. Треба да добиете 8 парчиња суши. По желба врз сушито ставете срирача – мајо сос. Готовото суши послужете го со срирача-мајо сос и соја сос. Уживајте во светот на вкусовите!
суши срирача мајо сос

Совети плус: 

  • „Срирача – мајо сосот ставете го во тегла и чувајте го во фрижидер. Има фантастично добар пикантен вкус, а може да го искористите во рок од 7 денови. Освен за суши може да го искористите и за помфрит, печени компири, похувано месо, сендвичи и други јадења. Ако не обожавате многу лути јадења, намалете ја количината срирача во сосот.  
  • Те мотивирав да приготвиш суши или срирача – мајо сос во својот дом? Имаш прашања околу состојките или подготовката? – Пиши ми на Facebook или Instagram – @kocovska.marija. Разгледај ги и моите профили и пронајди ја твојата инспирација за подготовка на вкусно јадење или десерт.
  • А штом го направиш сушито и си задоволен од твојот резултат, испрати ми ги фотографиите или означи ме на твојата објава. Со задоволство ќе ги споделам на стори. И најважно од сѐ – готви со љубов, кулинарски истражувај, дегустирај и сподели ги со најблиските.“ – додава Марија.
домашно суши со срирача мајо сос

Автор на рецепот и фотографиите: Марија Кочовска@kocovska.marija.

Ви предлагаме да прочитате: Медитерански посни брускети со домати.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: