Вегетаријански, здрави, печени и што е најважно многу вкусни! Баш вака можеме да ги опишеме здравите печени ќофтиња со модри патлиџани и тиквички кои ги приготвивме во нашата кујна.
И овој пат, инспирација ни беа производите на македонската иновативна компанија Фила кои секојдневно ги користиме во исхраната. Така, приготвивме здрав и вкусен ручек за целото семејство. Ќофтињата може да ги послужите со салата, сос или да ги ставите во сендвичи. Од наведената количина на состојки ќе добите 12 до 15 ќофтиња, а по потреба може да ја зголемите или намалите нивната количина.
Состојки:
- 3 помали тиквички
- 2 помали модри патлиџани
- ½ главица кромид
- 1 до 2 лажици ладно цедено сончогледово масло од Фила
- 2 лажици ленено семе од Фила
- 2 јајца
- 1 лажица чиа семе
- 2 лажици овесно брашно
- 2 лажици пченкарно брашно
- 1 мала лажичка оригано
- лук во прав
- сол и мелен црн пипер по вкус
- пченкарно брашно и мак за похување.
Подготовка:
- Тиквичките ги лупиме и ги рендаме на крупната страна на рендето. Ги ставаме во длабок сад и ги посолуваме. Ги оставаме околу 15 до 20 минути за да ја испуштат течноста.
- Во меѓувреме, на крупната страна од рендето ги рендаме модрите патлиџани. Исто како и тиквичките, ги ставаме во подлабок сад и ги посолуваме. Ги оставаме за време од 5 до 10 минути.
- Кромидот ситно го сечкаме.
- Во нелеплива тава на оган го ставаме ладно цеденото масло да се загрее. Во загреаното масло го додаваме кромидот и го запржуваме додека омекне. Штом кромидот омекне и добил златеста боја, во тавата ги додаваме претходно исцедените модри патлиџани.
- Зачинуваме со сол, мелен црн пипер, лук во прав и оригано. Мешаме со дрвена лажица додека модрите патлиџани се запржат, околу 5 до 10 минути. Тавата со модрите патлиџани ја тргаме од огнот и оставаме кратко да се изладат.
- За тоа време добро ги цедиме тиквичките од течноста и ги ставаме во длабок сад. Во садот ги додаваме запржените модри патлиџани и мешаме за да се соедини смесата. Потоа ги додаваме јајцата, лененото семе, чија семето, овесното брашно и пченкарното брашно. Ги мешаме и ја оставаме смесата околу 5 минути. Доколку смесата е многу течна, може да додадете пченкарно или овесно брашно. Внимавајте да не биде многу тврда, затоа што треба да добиете меки и сочни ќофтиња.
- Тавата ја обложуваме со хартија за печење.
- Во чинија ставаме 4-5 лажици пченкарно брашно и 1 лажица мак. Мешаме со лажица.
- Со помош на поголема лажица или мал мерен сад земаме од смесата. Формираме ќофтиња кои ги валкаме од двете страни во пченкарното брашно. Потоа ги редиме во тавата.
- Ќофтињата ги ставаме да се печат во загреана рерна на 220 степени за време од 15 минути. Потоа тавата ја вадиме од рерната и ќофтињата ги превртуваме да се печат од другата страна уште 5 минути.
- Печените ќофтиња со модри патлиџани и тиквички ги служиме со сос по желба. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Печени ќофтиња со тиквички и туна.