замрзнување на домати

Како правилно да замрзнете домати

Замрзнувањето на домашно одгледаните свежи домати и нивната употреба во текот на зимата е лесно и едноставно. Вкусот на сосот направен од замрзнати домати за шпагети, лазања е подобар во споредба со сосот приготвен од конзервираните домати кои може да се купат од маркетите.

Постојат неколку начини за замрзнување на домати. Тие може брзо да се замрзнат без претходно бланширање, со кора или без неа. Исто така може да се замрзнат цели, исечкани на поголеми парчиња, ситно исечкани или како пире. Дополнително, може да се замрзнат свежи или варени, како сок или сос, припремени по рецепт по ваш избор. Замрзнатите домати може да се користат во супи, сосови или динстани јадења. Сепак треба да се напомени дека не постои замена за свежите домати, затоа што со замрзнувањето се менува нивна текстура.

Доматите треба да се зачинат пред да се сервираат, но не смее да се зачинат пред замрзнувањето. Замрзнувањето може да го зајакне или намали нивниот вкус доколку се замрзнат во комбинација со лук, кромид или зачини.

Следете ги следните чекори и лесно пригответе ги доматите за замрзнување, а може да ги поканите вашите деца, внуци или мали пријателчиња да ви помагаат и заедно да се забавувате.

Чекори за правилно замрзнување на домати

  1. За замрзнување изберете цврсти, зрели домати. Убаво измијте ги, а потоа избришете ги со кујнска хартија.
  2. Со нож отстранете ја дршката на доматите. Од долната страна исечете форма во буквата Х. Тоа ќе овозможи кората од доматите полесно да ја излупите.
  3. Доматите ставете ги во врела вода за време од 1 до 2 минути. Потоа ставете ги во ладна вода со коцки мраз. Кога доматите ќе се изладат, излупете ја кората и исечете ги на четвртини.
  4. Доматите нежно згмечете ги со рака и ставете ги во тенџере да се варат. Штом зовријат намалете ја температурата и оставете ги да се варат 5 минути. Потоа оставете ги доматите да се изладат и ставете ги во пластични садови за замрзнување, но оставете два сантиметри од врвот на садот. Садовите затворете ги и ставете го замрзнувач. Доколку немате пластични садови, за замрзнување на домати може да користите кеси со херметичко затворање.

Како вие ги замрзнувате доматите? Претходно ги бланишрате, ја отстранувате кората или ги замрзнувате цели?

Сподели: