кулинарско дружење 1

Кулинарско дружење со Јадранка Весковска

Драги наши читатели, како што знаете, секој месец ве запознаваме со некој од членовите на нашата група. Во денешното интервју разговаравме со Јадранка Весковска, активна членка во групата која речиси секојдневно споделува навистина вкусни јадења. Ве покануваме на кулинарско дружење во групата на Сѐ за храна. А, ако сте веќе член, ве охрабруваме да се пријавите и да бидете дел од рубриката интервју. Добредојдени се љубители на храната!

Како што спомнавме, овој месец преку нашето кулинарско дружење се запознаваме со активната членка Јадранка и го споделуваме нејзиниот рецепт за рататуј – француски специјалитет со свеж зеленчук.

кулинарско дружење 2

Што најмногу сакаш да готвиш? Дали тоа се главни јадења, десерти, салати?

Морам да признаам дека обожавам да правам десерти и тие се мојата прва љубов, особено тортите. Почнав да ги подготвувам уште во младоста и до ден – денес, еве неколку години пред пензија, сѐ уште ми се страст и предизвик. Ги правам и по нарачка за блиски пријатели и роднини за нивните посебни моменти и навистина коментарите се секогаш позитивни, особено за вкусот. Ова ми е и мотивација сите овие години, па можам да кажам и дека готвењето веќе одамна е моето хоби. Во последно време исто така и гледам да подготвам и некои десерти што ги немам правено одамна како на пример тулумбите, еклерите, индијанките, итн. Со главните јадења секогаш гледам да испробам некој нов рецепт и многу од нив така станале редовен дел од мојата трпеза.

Живееш во Куманово, па кои јадења се карактеристични за овој регион?

Куманово изобилува со талентирани генерации на готвачи, па оттаму и долга листа на традиционални рецепти кои се обележје на овој крај. Едно од моите омилени, што го правам доста често последниов период, е Кумановскиот препеќ. Тоа е сукана пита со фил од урда и јајца кој се полива со млеко што не е вообичаено во другите зелници, пити, итн. Секако, мораме да ги спомнеме и Кумановските тиганици на кои малку ракија им е ,,тајната состојка’’ што ги прави да не се премногу мрсни и тешки за јадењe. Сите што доаѓаат во Куманово мора да ги пробаат! Исто така да не ја заборавам и Кумановската татлија и Кумановскиот мезл’к кој морам да кажам дека не го подготвувам затоа што ни јас ни моето семејство не го јадеме, но велат дека е нешто превкусно што може да се проба од овој крај за љубителите. Нашата татлија се разликува од останатите по тоа што се прави со гриз, пиво и ореви, но без сирење. Еве и ќе ви откријам дека планирам набргу да ја направам и ќе ја споделам со вас!

Од каде идејата да започнеш свој блог – фејсбук група и дали некој ти помага за да постигнеш сѐ – готвење, сликање, објавување?

Идејата за мојата ФБ група и за мојот вебсајт се роди спонтано, а бев мотивирана секојдневно од моите две ќерки кои ми се и најголема поддршка и помош. Едната ми помогна да ја отворам групата и да го направам вебсајтот и таа е задолжена за креативното пишано претставување на моите рецепти, а другата стои позади прекрасните фотографии што ги споделувам. Мојата цел со споделување на рецепти (уште кога прв пат започнав и сеуште е) е да ги инспирирам останатите да ја видат убавината и топлината што ја нуди готвењето дома. Секако, и јас многу учам од останатите членови и мислам дека си помагаме на некој начин. Да, вие во ресторан ќе добиете вкусна и прекрасно сервирана храна, но не го добивате оној момент на задоволство, возбуда и креативен поттик што ви го нуди создавањето на своја храна. Мислам дека сите ќе се согласат дека нема нешто поубаво од тоа кога ќе извадите топло лепче од рерна и целата куќа мириса и сите се собираат да го пробаат. Токму ваквите убави моменти сакам да им ги пренесам на другите како што моите родители ми ги пренесувале мене и да покажам колку подготвувањето храна е составен дел од нив.

За крај, задоволство ми е да го споделам со вашите читатели рецептот за рататуј.

Рататуј – француски специјалитет со свеж зеленчук

Состојки:

  • 3 лажици маслиново масло
  • 2 главици кромид
  • 300 грама пелати или ситно сечкани домати
  • сол
  • босилек
  • оригано
  • магдонос
  • 2 до 3 главици лук
  • 1 модар домат
  • 1 тиквичка
  • 3 домати
  • 3 пиперки
  • мешан сув зачин
  • црн бибер

Подготовка:

  1. Во загреано масло кратко испржете 1 главица кромид. Додајте ги пелатите или ситно сечканите домати.
  2. Кромидот и пелатите пржете ги 10 минути. Потоа додајте сол, босилек, магдонос, оригано по желба и лук.
  3. Смесата ставете ја во тава како подлога.
  4. Во тавата наредете го претходно исечениот зеленчук на кругови.
  5. Вака приготвениот рататуј печете го во претходно загреана рерна на 200 степени за време од 1 час. Пријатно јадење!

Ви препорачуваме да прочитате: Готвиме и се дружиме со Ана Наумовска.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: