интервју ана н

Готвиме и се дружиме со Ана Наумовска

Драги наши читатели, овој пат разговаравме со Ана Наумовска наша редовна читателка на sezahrana.mk! Секој месец ќе може да ги запознаете и да прочитате по нешто за најактивните љубители на храната на интернет. Ги покануваме да се пријават и ја раскажат својата кулинарска приказна сите активни членки од групата на Сѐ за храна, како и активните и заинтересирани интернет „раскажувачи“ од останатите групи, админите, блогерите и влогерите и интересентите за новини од областа на храната!

Па, ајде да започнеме и да ја запознаеме Ана!

Интервју ана н

Се вели дека љубовта кон храната е наследна, дали се сложуваш со тоа и кој е твојот идол за готвење?

Потполно се согласувам. Сметам дека ќерките се огледуваат на своите мајки. Ќе звучам малку нескромно но морам да напоменам дека покрај мајка ми и сите други припаднички на понежниот пол од мојата фамилија, која е прилично голема, се одлични готвачи, но и гурмани. Од секогаш посакував еден ден да приготвувам храна за моето семејство како нивната. Тоа се исполнува.

Живееш во Австралија кои јадења се традиционални и најпознати за тој регион?

Австралија повеќе е позната по побрзата храна, скарата е хит и неизбежен дел од секоја забава, прослава или пикник. Хамбургерот (burger with the lot) е често на менито на Австралијанците, како и морската храна во комбинација со помфрит. Специфичен за Австралија е таканаречениот vegemite – намаз со доста специфичен вкус. Би ја издвоила супата од тиква и познатите пити со месо (meet pies). Од страна на десерти најпознати се лемингтон (чоколадни коцки со кокос), Анзак бисквитите и неодоливата и светски позната торта Павлова, која била приготвена во чест на доаѓањето на руската балерина Ана Павлова во Австралија во далечната 1926 год. Оваа торта е неизбежен дел на Велигденските и Божиќни трпези во Австралија. Голем процент од населението на Австралија се мигранти кои со себе си ги понеле своите кулинарски традиции. Па така тука може да се најде храна од сите страни на светот, изобилство и широк спектар на вкусови. Одлична можност, преку храната,  да отпатувате за миг во секоја земја.

Кои се твоите омилени јадења и што обожаваш да приготвуваш?

Тешко е да се издвои, но кога би морала би се одлучила за питулици со лук, мусака со тиквички и пилешки стек и мојот омилен десерт баклава. Кујната ми е едно од омилените места во домот. Сѐ што приготвувам го правам со голема љубов. Сакам да испробувам рецепти од сите страни на светот, често пати си експериментирам и по мое, но сепак нашите Македонски традиционални специјалитети се најчесто на нашата трпеза.

Ана која е твојата препорака на читателите на Сѐ за храна?

Сѐ за храна изобилува со голем број на прекрасни испробани рецепти за сечиј вкус. Советите поврзани со храната кои несебично ги споделувате со нас, може да бидат од голема корист на секого. Непресушен извор сте на  прекрасни и доста корисни  информации, затоа топло препорачувам на сите да Ве следат и да ги читаат одличните содржини подготвени од Вашиот професионален тим.

За крај ги поздравувам Вашите читатели со мојата куглов баклава со вишни.

Куглоф баклава со вишни (Посно)

Состојки:

  • 1 пакување готови кори.

За фил:

  • вишни од еден компот (околу 350 г) – се сечкаат на пола
  • 150 г сечкани ореви
  • 3 лажици гриз
  • 2 лажици презла
  • 2 лажици мелени лешници (може да се стави вишни, мелени ореви или мелени бадеми)
  • 2 лажици брашно
  • 10 г прашок за печиво
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 200 мл масло
  • 10 г сув квасец.

За сируп:

  • 300 мл вода
  • 300 мл течност од компот со вишни
  • 400 г шеќер
  • 1 ванилин шеќер.

Подготовка:

  1. Прво се подготвува сирупот. Сите состојки се мешаат заедно и се варат на тивок оган, додека да зоврие. Се остава да олади.
  2. Во меѓувреме се подготвува филот. Во длабок сад се ставаат сите состојки заедно и се промешуваат.
  3. Калапот за куглоф се премачкува со масло.
  4. Се редат три кори една над друга, се сечат на половина и се редат во калапот.
  5. Корите се премачкуваат со масло и се реди од филот. Постапката се повторува се додека се потрошат корите и филот, а најгорниот дел да завршува со ред кори.
  6. Се пече во загреана рерна на 200 степени околу 50-60 минути.
  7. Откако ќе се испече, веднаш се потурва со сирупот.
  8. Се остава околу еден час да се излади и потоа се превртува. За декорација може да ставите мелени или сечкани ореви, бадеми, ф’стаци по ваш вкус. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Кулинарско интервју со Феријан Мифтароска!

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: