Медена интегрална пита со ореви и суви кајсии

Ги бараме најголемите гурмани и љубители на нови вкусови и рецепти! Затоа што за нив имаме нов кулинарски предизвик, а тоа е оваа убава и вкусна медена интегрална пита со ореви и суви кајсии.

Рецептот и прекрасната фотографија се дело на Катерина, на која и се заблагодаруваме што несебично ги споделува фантастичните рецепти со сите нас. Овој пат таа ни ја предлага комбинацијата на мед, ореви и суви кајсии која верувајте дека ќе го освои и вашиот вкус.

медена интегрална пита

Состојки:

  • 170 г пченично брашно
  • 170 г интегрално брашно
  • 10 г прашок за печиво
  • 110 г шеќер
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 115 мл масло
  • 2 јајца
  • прстофат сол.

За фил:

  • 230 г ореви
  • 200 г мед
  • 120 г суви кајсии.

За премачкување:

  • 2 полни лажици мед.

Подготовка:

  1. Во длабок сад измешајте ги двата вида брашна, прашокот за печивото, ванилата, шеќерот и малку сол. Додајте го маслото и јајцата и замесете тесто.
  2. Оставете го тестото малку да отстои (10-тина минути), а потоа поделете го на 2 дела.
  3. Меѓу два листа хартија за печење расукајте го во кора едниот дел од тестото. Со помош на хартијата префрлете ја кората во кружен калап.
  4. Измешајте ги оревите со медот и ставете ги врз кората. Одозгора нанесете ги сувите кајсии исечкани на помали парчиња. Врз кајсиите изрендајте го остатокот од тесто.
  5. Ставете ја питата да се пече во загреана рерна на 180 степени, за време од 30-35 минути.
  6. Во сад ставете 2 полни лажици мед. Ставете го медот малку да се растопи (загрее) и со него премачкајте ја испечената кратко изладена пита. Штом питата се излади, послужете ја. На здравје!
  7. Вкусот на оваа интегрална пита со ореви и суви кајсии е фантастичен, топло ви ја препорачувам.

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.

Ви предлагаме да прочитате: Колач со крем фил од ореви.

Сподели: