нане

Нане – природен еликсир за стомачни проблеми

Нане или ботанички наречено Mentha piperita, е добро познато и многу користено лековито растение помеѓу широката маса на луѓе. Тоа има пријатен вкус и се користи како популарна арома при производство на храна и пијалаци, а исто така примена наоѓа и при добивање на парфеми.

Нането има голема употреба за здравствени и медицински цели. Тоа се употребува за лекување на настинка, смирување на воспаленија и при дигестивни проблеми. Старите Египќани, кои биле една од медицински најнапредните антички култури, нането го одгледувале и го користеле при лошо варење на храната. Во Европа, нането започнува масовно да се употребува во 18-иот век за стомачни заболувања и менструални нарушувања.

Во традиционалната медицина, народот нането многу често го користи како природен лек против дигестивни тегоби, болки во желудникот, подуеност и грчеви во стомакот. За да се зголеми неговата ефикасност кон чајот од нане се додава анис, камилица или цимет. Чајот од нане помага за одржување на правилна функцијата на црниот дроб и жолчката, а успешно делува и во битката против несоницата.

нане

Последните истражувања покажале дека нането содржи состојки кои успешно помагаат и во регулирање на забрзана срцева работа, за опуштање на бронхиите на дишните патишта и намалување на тегобите кај астматичарите.

Главната активна состојка на нането е ментол, кој предизвикува чувство на ладење во устата или на кожата. Нането ги содржи витамините А, Ц и голем број минерали.

Благодарение на неговото спазмолитично дејство (опуштање на глатката-мазна мускулатура), нането се издвојува како лековито растение кое ефикасно го регулира варењето на храната, го стимулира лачењето на жолката и желудочниот сок.

Етеричното масло од нане, исто така има широка палета на дејство и тоа:

  • антимикробно
  • антифунгицидно
  • антивирусно
  • спазмолитично врз системот за варење.

Употреба на нане

Во исхраната може да се консумира свежо, суво како зачин или пак во форма на чај. Чајот од нане може да се направи од суви или од свежи исечкани листови. Маслото на нане се нанесува врз кожата, а може да се користи при инхалации. Активните состојки најповеќе може да се искористат од маслото од нане, но голема ефикасност има и чајот од листовите од нане.

Прекумерното користење на нането, со себе носи и некои негативни дејства како мачнина, повраќање и алергиски реакции, затоа наша препорака е да внимавате на вашата чувствителна граница.

Сподели: