помфрит од тиквички

Помфрит од тиквички со млечен сос

Совршено мезе за убаво друштво со пријателите! Креативната Клара и овој пат ни припреми интересен рецепт за помфрит од тиквички во комбинација со освежителен сос од краставица и кисела павлака. Поканете ги пријателите, земете чаша ладно пиво и уживајте во добрата храна и друштво!

помфрит од тиквички

Состојки:

  • 1 поголема тиквичка
  • 2 јајца
  • 1 чаша лебни трошки (презла)
  • ½ чаша брашно
  • 1/3 чаша пармезан
  • сол, црн пипер, оригано
  • масло за пржење.

Сос:

  • ½ краставица
  • 200 мл кисела павлака
  • 1-2 лажици масло
  • сол и лук во прав по вкус.

Подготовка:

  1. Тиквичката пресечете ја на половина по должина. Потоа од секоја половина сечете долгунести ленти како за помфрит. Парчињата од тиквичка посолете ги и оставете ги да се цедат за време од 30 минути.
  2. Во чинија ставете ги брашното, пармезанот и додајте малку мелен црн пипер.
  3. Јајцата ставете ги во длабока чинија, изматете ги со вилушка и посолете ги.
  4. Во друга чинија ставете ги лебните трошки и додајте оригано и сол по вкус.
  5. Секое парче тиквичка најпрво извалкајте ја во брашното, па во јајцата и на крај во лебните трошки.
  6. Во нелеплива тава на оган со умерена температура ставете масло да се загрее. Во загреаното масло пржете ги тиквичките од двете страни.
  7. Кога се готови, пржените тиквички ставете ги врз кујнска хартија за да се впие вишокот на масло.
  8. Краставицата изрендајте ја. Во длабок сад ставете ја ренданата краставица, киселата павлака, маслото, посолете по вкус и додајте лук во прав. Измешајте состојки за да се добие хомогена смеса. По желба можите да додадете и некоја капка вински оцет за да го потенцира вкусот на сосот.
  9. Топлиот помфрит од тиквички послужете го заедно со сосот како додаток.

Рецептот го испратил: Клара Бос

Сподели: