Потребна ли е адаптација после постот? – Еве што препорачуваат нашите уреднички Катерина и Марија

Во соработка со сајтот „Читај бе“ кои ги интервјуираа нашите уреднички Катерина Шамбевска Спасеновска и Марија Кочовска го направивме ова интервју. Бидејќи постот заврши ви предлагаме да го прочитате разговорот на тема: Потребна ли е адаптација после постот?

Еве што велат од Читај бе“ за ова интервју: „Завршувањето на постот, особено на Велигденскиот кој е најдолг и најстрог, за оние кои се придржуваа кон него е многу важно и од страна на здравствен аспект. На Велигден во недела, велигденската трпеза е празнична, на неа се наоѓа месо, јајца и други продукти кои претходно не се внесувале во организмот. Многу е важно организмот постепено да се приспособи повторно кон конзумација на секојдневната исхрана, но тоа не смее да биде наеднаш. Особено треба да се внимава да не се прејадете. Затоа, побаравме совет од Катерина Шамбевска Спасеновска и Марија Кочовска од Сѐ за храна, како најлесно да го адаптираме нашиот организам после постите и каква храна да јадеме.“

Потребна ли е адаптација после постот? - Еве што препорачуваат нашите уреднички Катерина и Марија

После седум седмици од Велигденскиот пост кој е еден од најстрогите, организмот мора најнапред да се прилагоди кој враќањето на секојдневната исхрана. Што е она што го препорачувате, како да се адаптира организмот после завршувањето на постот?

Било да сте постеле една или сите седум седници, важно е да знаете како да „влезете“ и како да „излезете“ од постот, а во меѓувреме и да го зачувате и одржите здравјето. Можеме да кажеме дека темата е малку сензитивна и постот сите го сфаќаат различно, но сепак би споменале дека освен храната, истиот се однесува и на духовниот спокој, добра мисла и верба за убави нешта. За почеток, за време на самиот пост, секој треба добро да се грижи за одржување на нутритивниот баланс најдобро што може и да има разновидни оброци богати со сите витамини и минерали, секако обезбедени од растителни намирници. Протеините, витамините од Б групата, посебно витаминот Б 12 се критични при постењето, а исто така и железото кое е важно за силна крв и оптимално здравје.

Скратувањето на животинските намирници му дава шанса на организмот побрзо да се обнови и регенерира и тоа една од главните поволности, гледано од здравствен аспект, но ваков начин на живот не треба да трае предолго, ниту „враќањето кон нормална исхрана“ треба да биде одеднаш.

За полесна адаптација на организмот, препорачуваме прво да почнете со консумација на риба, јајца и пилешко месо, по помали количини во оброк и да не се застапени секојдневно за време на ручекот и вечерата. За појадок убаво е да го започнувате денот со целозрнести житарки и комбинација со протеини од типот, јогурт, јајце и здрави масти како маслинки, авокадо, путер, зависно од она што преферирате и што ви е на располагање. На вечера, избирајте полесно сварливи намирници, некои балансирани салати, таратур или супи и разни други варива.

Што да се јаде при преминувањето кон мрсна храна и колкав временски период? Кои да бидат првите оброци?

Во претходното прашање веќе го најавивме и споделивме дел од одговорот на ова прашање, па тука само ќе го дополниме. Мора да се спомене дека секој од нас функционира различно и има различен метаболизам и навики. Наша препорака е должината на периодот на адаптација и почесто вклучување, секој да го одреди индивидуално, а како минимална рамка би рекле дека се неопходни околу 10 дена за да не чувствуваат тегоби после масен оброк. Како препорака плус, внимавајте на количините и не прејадувајте се, така ќе му помогнете на стомакот подобро да функционира во ваша корист.

Што предизвикува прејадувањето и внесувањето наеднаш на „тешка“ храна во организмот?

Прејадувањето е широк проблем кој се јавува не само при пости, туку и секојдневно, па препораките можеби ќе се корисни за сите љубители на храна. Освен што го попречува нормалното варење, прејадувањето доведува до неможност за затворање на сфинктерот на желудникот. Поради преоптовареност со храна, овој мускул не може да се затвори, па киселините на желудникот се прелеваат во хранопроводот и тоа доведува до непријатност и печење се до грлото. Ова е еден од најзастапените проблеми.
На кратко, не постои „тешка храна“, ако не изедете преголема количина или не ја изедете непосредно пред спиење, па затоа обрнете внимание на тие нешта. Не пијте вода или други течности со оброците, посебно не алкохол доколку имате проблематичен стомак, а исто така не треба да јадете набрзина зашто тоа предизвикува појава на гасови. Ако сепак се прејадете, прошетајте тоа е еден од најлесните и ефикасни лекови.

Ваши совети како да се одвива исхраната одреден период после завршувањето на постот?

Како што спомнавме и погоре, должината на овој период е индивидуална, а нема да имате проблем ако сте умерени во количини и застапеност на т.н. масни оброци. Без разлика дали постите или не, секогаш стремете се да имате балансирана чинија, главните јадења да се богати со свежи салати кои го алкализираат организмот, во порцијата да има протеин и ако обожавате леб, нека биде интегрален. Храната повеќе печете ја и варете ја, а помалку пржете ја и тоа е тоа. Бидете конзистентни кога станува збор за здравјето, така секогаш ќе си помагате, на краток, а и на долг рок. Останете ни во добро здравје и следете ја sezahrana.mk и инстаграм @sezahrana.mk нашите лични профили: Катерина Шамбевска Спасеновска – @katerina.shambevska и Марија Кочовска – @kocovska.marija. До следно читање!

За повеќе идеи и испробани рецепти следете ги напите уреднички на:

Катерина Шамбевска Спасеновска:

Марија Кочовска:

Ви препорачуваме да прочитате: Како да избегнете да правите „грешки“ за време на постот.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: