Секое зрно грашок по подобрува нашето здравје на многу начини 1

Секое зрно грашок го подобрува нашето здравје на многу начини

Грашокот е растение кое луѓето го сместуваат или во групата на зеленчуци или во групата на мешунки. Без разлика на групата во која припаѓа, грашокот е многу здрава намирница преполна со корисни нутриенти кои имаат својство да го сочуваат и подобрат нашето здравје. Во понатамошниот текст прочитајте на кои се начини секое зрно грашок е корисно за организмот.

Антиоксидантни и антивоспалителни својства

Грашокот е извонредно богат со материи (катехини,  епикатехини, алфа и бета-каротен, фенолни киселини) кои имаат антиоксидантни својства и го штитат организмот од оштетувања предизвикани од слободните радикали.

Исто така, во грашокот има изобилство на антивоспалителни материи кои скоро и да не се наоѓаат во други растенија освен во грашокот. Кога сме кај антивоспалителните материи треба да се спомене дека грашокот содржи омега-3 есенцијална масна киселина, која е алфа-линоленска киселина и не се создаваат во нашиот организам туку мора да се внесува преку храната. Антиоксидантните и антивоспалителните материи го намалуваат ризикот од: срцеви болести, дијабетес тип 2 и артритис.

Секое зрно грашок по подобрува нашето здравје на многу начини 2

Помага при регулирање на нивото на шеќер во крвта

Грашокот е богат со растителни влакна и протеини кои помагаат за правилно варење и апсорпција на хранливите материи од храната, а исто така тие го регулираат и времето за кое јаглехидратите се распаѓаат и апсорбираат. Така се спречува висок пораст на шеќерот во крвта. А пак други корисни материи кои се присутни во грашокот, помагаат за регулација на нивото на инсулин во крвта.

Грашок за подобро здравје на срцето

Се смета дека грашокот влијае и во подобрување на здравјето на срцето и крвните садови. Ефектот на грашокот се објаснува како резултат на неколку негови составни елементи: прво, антиоксидантите кои се присутни во него ги спречуваат оксидативните процеси кои ги оштетуваат крвните садови; второ, омега -3 линоленската масна киселина која го намалува ризикот од кардиоваскуларни проблеми и трето, витаминот холин од групата на Б-витамини кој го намалува нивото на хомоцистеин (супстанца чие покачено ниво во организмот е ризик фактор за појава на проблеми со кардиоваскуларниот систем).

Заштита од рак на желудникот

Една студија направена во Мексико ја покажала врската помеѓу консумирањето на грашок (и други мешунки) и намалената стапка на појава на рак на желудникот. Намалување на појавата на рак се случувало кога дневниот внес на една материја наречена куместрол изнесувала над 2 мг. Ако ви кажеме дека само една шолја грашок содржи околу 10мг куместрол тогаш веќе ви е јасно колкаво е значењето на оваа намирница во превенција на појава на рак на желудникот!

Автор: Маја Велковска

Сподели: