sladok praznicen rolat 1

Сладок празничен ролат „Божиќно трупче“

Божиќните и новогодишните празници со себе носат посебна магија во домот. Топлината која „расте“ од дружењето и седенките со блиските е незаменлива. Соберете го семејството и радувајте се на новата година што доаѓа. Посакајте си убави нешта и пред се, верувајте дека ќе ви се исполнат. А, за тоа да е уште подобро, припремете малку храна и уживајте. А со кафето на крај, ви предлагаме да ги изненадите со посебно припремен сладок празничен ролат кој потсетува на Божиќ и неговата радост.

Не е тешко, потребно е малку трпение и ќе имате на трпезата детал кој сите ќе го помнат долго. Невена ни кажа како да го направиме овој сладок ролат, па и се заблагодаруваме од срце.

sladok praznicen rolat 2

Состојки:

За кора:

  • 4 јајца
  • 150 г шеќер
  • 100 г брашно
  • 100 г нишесте
  • 60 г стопен путер
  • 4 лажици жешка вода
  • 5 г прашок за печиво

За прскање на кората:

  • 70 мл млеко
  • 3 лажици рум

За фил:

  • 2 пудинзи од ванила
  • 200 г шеќер
  • 500 мл млеко
  • 120 г чоколадо за готвење
  • 1 лажица какао
  • 150 г путер.

Подготовка:

  1. Прво подгответе ја кората. Белките со прстофат сол пенесто изматете ги и оставете ги на страна.
  2. Жолчките матете ги со водата и постепено додавајќи го шеќерот, продолжете со матењето додека добиете кремаста смеса. Потоа додајте го претходно растопениот путер.
  3. Додајте ги белките и измешајте со жица.
  4. Потоа додајте ги и брашното, нишестето и печивото, па се заедно убаво измешајте.
  5. Смесата истурете ја во голем плех обложен со хартија и ставете ја да се пече на 180 степени, за време од околу 15 минути.
  6. Печената кора додека е топла ставете ја на влажна крпа и заедно со хартијата завиткајте ја во ролат. Оставете ја да се излади.
  7. Подготовка на филот. Пудингот сварете го во млекото измешано со шеќерот и оставете го да се излади.
  8. Чоколадото стопете го и измешајте го со какаото.
  9. Путерот изматете го и додадете го изладениот пудинг. Додадете го и претходно стопеното чоколадо.
  10. Готовиот фил ставете го фрижидер малку да се стегне за подобро да се работи.
  11. На крај филовајте. Одвиткајте ја кората, отстранете ја хартијата и испрскајте ја со млекото измешано со рум.
  12. Нанесете половина од филот, завиткајте ролат и ставете го на плех.
  13. Од едниот крај дијагонално исечете парче со ширина околу 3-4 см и со малку фил залепете го од страна, и од другиот крај вертикално исечете уште едно парче широко околу 2 см и исто така залепете го од страна.
  14. Ролатот премачкајте го со останатиот фил и со виљушка направете линии да изгледа како кора од дрво.
  15. Пред служење наросете го со малку шеќер во прав. Среќни празници!

Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.

Ви препорачуваме да прочитате: Божиќно лепче со суво овошје и тиква.

Сподели: