Фалафел ќофтиња од леблебии - посни и без глутен

Фалафел ќофтиња од леблебии – посни и без глутен

Името е интересено, а вкусот импресивен и тотално неодолив! Прекрасните фалафел ќофтиња од леблебии се специјалитет кој најмногу се консумира на Средниот Исток, а се смета дека потекнуваат од Египет. Толку се убави, што не треба да ги пропуштите. Искористете го првиот момент на малку слободно време и дефинитивно одлучете се да ги пробате! 

Обично се служат завиткани во пита лепче “lafa” или завиткан сендвич во ролна, кое е делумно заслужно за името на овие ќофтенца. Многу е добро што се посни и без глутен, па претставуваат навистина лесна храна за телото, а исто така можат да се служат како мезе или ужина во широк спектар на комбинации во салати, прилог на зеленчук и во комбинација со разни сосови. Најдобри се кога се служат топли, но и ладни не заостануваат во вкусот.

Фалафел ќофтиња од леблебии - посни и без глутен

Состојки:

  • 300 гр леблебии
  • 1 главица кромид
  • 2-3 чешниња лук
  • сол и црн пипер
  • мелен ким
  • кориандер (доколку имате)
  • малку лута мелена црвена пипер
  • магдонос
  • 1 лажичка прашок за печиво
  • масло за пржење.

Подготовка:

  1. Леблебиите прелијте ги со ладна вода и оставете ги преку ноќ да стојат во фрижидер. Наредниот ден добро исцедете ги и иситнете ги во блендер, при што не е потребно да ги варите претходно.
  2. Додајте го кромидот, лукот и останатите зачини по вкус, а најдобро е прво да додадете малку и по потреба да ја зголемите нивната количина. Кромидот и лукот треба да се ситно сечкани, а може да користите и млади, зависно од сезоната. Доколку сакате вкусот да е поизразен и повеќе да се поврзат состојките, кромидот и лукот малку издинстајте ги.
  3. Повремено прекинете со матењето и исклучете го миксерот, отстранете ги зрнцата од маталките и продолжете додека фино се иситни смесата, но да остане зрнеста, односно да не е мазна како паста.
  4. Со помош на лажица или наводенети раце, формирајте ги превкусните, посни и безглутенски фалафел ќофтиња од леблебии. Смесата е доволно компактна и сите состојки без потешкотии остануваат заедно.
  5. Загрејте го маслото, ставете неколку фалафел ќофтиња. За да им остане формата убава, најдобро пржете ги во длабоко масло додека поруменат од сите страни.
  6. Пржените фалафел ќофтиња од леблебии извадете ги во сад покриен со кујнска хартија за да се впие вишокот на мрснотија, а потоа сервирајте ги и послужете ги.

Предлог за прилог на нашата пријателка од блогот Кuhinjica mignone е јогурт или млечен сос и топли пресни лепчиња. На здравје!

Сподели: