захер торта

Чоколадна Захер торта – популарна и обожавана ширум светот

Совршен спој на чоколадо и вкусен мармалад од кајсии преточени во слатко уживање наречено Захер торта. Овој познат виенски десерт ќе ве освои уште на првиот залак. Па, доколку сте љубители на десерти, топло ви препорачуваме да ја пробате највкусната чоколадна Захер торта и да се препуштите на слаткото уживање на сите сетила.

Интересно кај оваа торта е тоа што најубаво е да се консумира после два дена од нејзината подготовка. Тогаш е совршено мека, а мармаладот од кајсии се преплетува со чоколадното тесто, па се креира слатка композција по која е позната оваа торта. Богатиот чоколаден вкус доминира, што ја прави оваа Захер торта совршена за сите љубители на чоколадо.

захер торта

Состојки:

  • 1¼ чаша брашно
  • ½ лажица прашок за печиво
  • ¼ лажичка сол
  • 1 чаша несолен путер на собна температура
  • 1 чаша шеќер
  • 8 јајца на собна температура
  • 1 ќесичка ванилин шеќер
  • 170 г растопено чоколадо за готвење.

За фил:

  • 1½ чаша мармалад од кајсии
  • ¼ чаша рум
  • 225 г чоколадо за готвење на парчиња
  • ½ чаша несолен путер.

Подготовка:

  1. Во длабок сад измешајте ги пресеаното брашно, прашокот за печиво и солта.
  2. Во сад за матење ставете ги путерот и половина од шеќерот. Изматете ги со миксер околу 1-2 минути.
  3. Жолчките одделете ги од белките. Во садот со путерот додајте ги жолчките и ванилиниот шеќер, и продолжете со матењето за да се соединат состојките. 
  4. Во садот со брашното додајте ја сместата со жолчките и кратко измешајте со жица за матење.
  5. Чоколадото растопете го на пареа и додајте го во садот со брашното.
  6. Во сад за матење ставете ги белките и изматете ги со миксер. Притоа, постепено додајте го преостанатиот шеќер.
  7. Изматените белки додајте ги во чоколадната смеса и добро измешајте со жица за матење. 
  8. Смесата ставете ја во калап (со дијаметар 22-23 см) обложен со хартија за печење. 
  9. Тортата печете ја во претходно загреана рерна на 180 степени околу 45 до 50 минути.
  10. Печената торта оставете ја да се излади 10 минути, а потоа префрлете ја на решеткаста подлога за да се излади целосно.
  11. Изладената торта со остар нож поделете ја на половина (може со конец ако така ви е полесно).
  12. Во меѓувреме подгответе го филот. Измешајте ги румот и мармаладот од кајсии.
  13. Едниот пандишпан ставете го врз чинија за торта. Премачкајте го со 1/3 од мармаладот, а потоа ставете го горниот дел од тортата.
  14. Преостанатиот мармалад загрејте го во микробранова печка околу 30 секунди, а потоа премачкајте ја целата торта.
  15. Тортата оставете ја да се излади на собна температура околу 1 час.
  16. Во сад на пареа растопете го чоколадото заедно со путерот. Со чоколадната глазура прелијте ја тортата и добро измазнете ја со помош на нож или силиконска лажица. Готовата чоколадна Захер торта чувајте ја и послужете ја на собна температура. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Чоколадни мафини со џем од јагода.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: