Чоколадни кремасти коцки со бисквити и лешници

На инспирација од наша пријателка Клара и нејзиниот вкусен колач, креиравме уште еден гурмански десерт во нашата кујна! Чоколадни коцки со бисквити, лешници и со многу крем!

Овие чоколадни коцки може да ги направите ако ви се најавиле гости или пак сакате да го изненадите семејството со нешто екстра вкусно. Ние ги направивме по повод куќна слава, па така на сите пријатели им пружавме можност да ги пробаат. Коментарите беа дека се многу вкусни и речиси сите побараа рецепт. Па, еве прилика да ги пробате и вие.

коцки со бисквити

Состојки:

  • 3 јајца
  • 9 лажици кафеав шеќер
  • 1 кесичка ванилин шеќер
  • 15 лажици млеко
  • 3 лажици масло
  • 9 лажици брашно
  • 1 кесичка прашок за печиво
  • 3 лажици чоколадно какао
  • 100 грама лешници.

За фил:

  • 4 лажици чоколаден крем од лешници
  • 100 мл млеко
  • 225 грама бисквити
  • 500 мл слатка павлака
  • 500 мл млеко
  • 2 пудинзи од ванила
  • 3 лажици шеќер.

За чоколаден прелив:

  • 200 грама чоколадо за готвење
  • 50 грама путер
  • 50 до 100 мл млеко
  • 50 грама лешници.

Подготовка:

  1. Рерната пуштете ја на 220 степени и оставете да се загрева.
  2. Лешниците истолчете ги или исечете ги на крупни парчиња и малку потпечете ги.
  3. Во длабок сад за матење ставете ги јајцата, шеќерот и ванилиниот шеќер. Изматете со миксер додека шеќерот се растопи и се добие густа кремаста смеса.
  4. Брашното, чоколадното какао и прашокот за печиво ставете ги во длабока чинија и добро измешајте ги со лажица.
  5. Во садот со изматените јајца додајте ги млекото, маслото и кратко измешајте со лажица. Потоа во садот додајте од смесата со брашно и какао, и мешајте со лажица за да добиете хомогена смеса без грутчиња.
  6. Во правоаголна тава со големина број 40, ставете хартија за печење. Потпечените лешници распоредете ги во тавата. Потоа додајте ја смесата за чоколадниот колач и добро израмнете ја. Колачот печете го за време од 15 до 20 минути, потоа извадете го од рерна и проверете со чепкалка дали е добро испечен. По потреба, продолжете со печењето.
  7. Испечениот чоколаден колач извадете го од рерната и оставете го да се излади.
  8. Во меѓувреме, во тенџере на оган ставете го млекото да се вари. Во длабок сад ставете ги пудинзите и шеќерот. Измешајте и додајте малку млеко или вода. Повторно измешајте за да се добие хомогена смеса.
  9. Во зовриеното млеко додајте ја смесата со пудинзите. Варете за време од 2 до 3 минути додека се згусти пудингот. Варениот пудинг оставете го да се излади.
  10. Слатката павлаката ставете ја во сад за матење. Изматете ја со миксер додека се добие цврст шлаг. Потоа, постепено додавајте го пудингот и продолжете со матење за да се добие крем.
  11. Колачот свртете го, така што слојот од лешници треба да биде на горната страна. А потоа, вратете го во тавата во која се печеше. Премачкајте го со чоколадниот крем од лешници.
  12. Млекото ставете го во чинија. Потоа секоја од бисквитите кратко потопете ја во млекото и ставете ја над колачот. Постапката повторете ја додека ги потрошите сите бисквити. Над бисквитите ставете го кремот со слатка павлаката.
  13. Тавата ставете ја во фрижидер за време од 1 час.
  14. Чоколадото, путерот и млекото ставете ги во тенџере на оган. Измешајте додека чоколадото се растопи.
  15. Со чоколадниот прелив, прелијте го колачот и наросете со сечкани потпечени лешници.
  16. Оставете чоколадото да се стегне за време од 5 минути, а потоа исечете коцки.
  17. Тавата вратете ја во фрижидер и оставете ја за време од 3 до 4 часа, а најдобро е преку ноќ.
  18. Изладените чоколадни коцки со бисквити и лешници се спремни за служење.

Ви предлагаме да прочитате: Посен колач од бисквити и јаткасто овошје.

Сподели: