претдијабетес шеќерна болест 1

Што е претдијабетес и како да го спречите?

Состојбата кога нивото на шеќер во крвта е повисоко отколку што треба да биде, а сепак не е доволно висок за да се дијагностицира дијабетес, се нарекува претдијабетес. Тоа е нов медицински израз за кој лекарите велат дека е сива зона кога телото полека ја губи способноста да го вари шеќерот по јадењето.

Откривањето на оваа состојба е многу важно, бидејќи со промена на животните навики може навремено да се спречи појавата на дијабетес. Тоа е шанса да го подобрите здравјето и навремено да ја спречите болеста. Редовната консумација на здрава храна, секојдневната физичка активност и одржувањето на оптимална телесна тежина, може да ви помогнат за да се намали нивото на шеќер и да биде во рамките на нормалата.

Имате ли класични симптоми на претдијабетес?

Претдијабетесот нема никакви знаци или симптоми. Но, големото ниво на шеќерот во крвта може да предизвика жед, необјаснив замор, заматен вид, како и зачестена потреба за мокрење. Покрај тоа, лицата што имаат претдијабетес може да имаат одредени нарушувања на кожата што се манифестираат во облик на дебели, темни слоеви на кожата, на местата на прегиб, како вратот, внатрешната страна на лактите или зад колената.

претдијабетес шеќерна болест

Кога е потребно да се советувате со лекар?

Ако имате некој од горе наведените знаци побарајте од вашиот лекар да ви направи брз тест за мерење на шеќерот во крвта. Истовремено, добро е да направите и тест за контрола на шеќерот во последните три месеци, што исто така може да укаже на одредени промени во организмот. Ако тестот покаже вредност меѓу 5.7 до 6.1 ммол/л, може да биде знак на претдијабетес.

Истражувањата покажале дека одредена група луѓе што имаат поголеми шанси да развијат дијабетес тип 2, се во ризик од претдијабетес. Обрнете внимание на следните ризик фактори:

  • Ако во семејството имате случаи на лица со шеќерна болест, треба почесто да одите на контрола.
  • Ако сте постари од 45 години, малку се движите и имате лоши животни навики.
  • Ако имате зголемена телесна тежина и индекс на телесната тежина над 25.
  • Ако имате покачен холестерол.
  • Ако имате проблеми со покачен крвен притисок и болести на срцето.
  • Ако имате синдром на полицистични јајници.
  • Лицата кои редовно спијат помалку од 6 часа навечер, имаат поголеми шанси да добијат претдијабетес.

Третман и совети кои ќе ви помогнат за стабилизација на нивото на шеќер во крвта

Јадете здрава храна. Изберете храна која има малку масти и калории, а изобилува со растителни влакна. Фокусирајте се на овошјето, зеленчукот и житарките во цело зрно. Добро би било да ја практикувате Медитеранската исхрана.

Зголемете ја физичката активност. Во повеќето денови од неделата, потрудете се да имате од 30 до 60 минути умерена физичка активност. Не правете поголема пауза од 2 дена, без да вежбате. Може да пешачите, возите велосипед, пливате и слично. Ако работните обврски не ви дозволуваат да одите во фитнес центар, искористете ги паузите за да направите физичка активност.

Намалете ја телесната тежина. Доколку имате покачена телесна тежина, потрудете се да ги намалите вишокот на килограми. За да ја одржите посакуваната тежина, секојдневно практикувајте здрави навики на живот, консумирање на свежа храна и вежбање.

Сподели: