Веган сте или постите, а сепак сакате да уживате во вкусен десерт? – Добрата вест е дека може да си направите вегански сладоледи, и тоа само од неколку состојки. Ви претставуваме 3 недоливи рецепти, а кој и да го изберете, нема да згрешите.
Не ви требаат многу апарати, а состојките кои се потребни се 100% посни и вегански. Рецептите се толку лесни и едноставни, па ќе може да ги направат и помалку искусните готвачи. Испробајте ги и уверете се дека може да бидат подеднакво вкусни како и класичните сладоледи.

Сладолед со боровинки и банани
Состојки:
- 4 големи банани
- 2 чаши замрзнати боровинки
Подготовка:
- Бананите излупете ги и исечете ги на кругови. Распоредете ги во поголем плиток сад или плех обложен со хартија за печење. Ставете ги во замрзнувач околу 25 минути.
- Замрзнатите банани извадете ги од замрзнувач. Ставете ги во блендер или мултипрактик. Додајте ги боровинките.
- Блендирајте 1-2 минути или додека да добиете смеса слична на сладолед.
- Готовиот сладолед може да го послужите веднаш, во мали длабоки садови. Ако сакате уште повеќе да се замрзне, вратете го во замрзнувач неколку часа. По желба наросете го со кокос.
Егзотичен чоко сладолед со кокосово млеко
Состојки:
- 3 банани со средна големина
- ½ чаша крем од кокос*
- 1-2 лажици јаворов сируп
- 1 мала лажичка ванила екстракт
- ½ чаша кокос
- ¼ чаша + 1 лажица сечкано веганско чоколадо
Подготовка:
- Бананите излупете ги и исечете ги на кругови. Распоредете ги во поголем плиток сад или плех обложен со хартија за печење. Ставете ги во замрзнувач околу 25 минути.
- Замрзнатите банани ставете ги во блендер или мултипрактик и изблендирајте ги.
- Додајте го кремот од кокос, јаворовиот сируп и екстрактот од ванила. Добро изблендирајте.
- Додајте ги парчињата чоколадо и кокосот. Блендирајте во кратки интервали, неколку пати.
- Сладоледот може веднаш да го послужите како стопен сладолед, или да го оставите во замрзнувач 3-6 часа и да го извадите 10 минути пред послужување.
*Во следниот рецепт ќе дознаете како да издвоите кокосов крем од кокосо млеко.
Сладолед со авокадо и ментол
Состојки:
- 3 авокада
- 2 лименки полномасно кокосово млеко
- ¾ чаша јаворов сируп
- ½ мала лажичка екстракт од ментол
- 1 чаша сечкано веганско чоколадо
Подготовка:
- Еден ден пред подготовка на сладоледот, ставете ги лименките кокосово млеко во фрижидер, превртени наопаку. Ова е важен чекор затоа што на овој начин се издвојува врвот и ќе се добие кокосов крем.*
- Авокадата исечете ги на половина. Отстранете ја семката и излупете ги половинките. Ставете ги во блендер или мултипрактик.
- Лименките со кокосово млеко извадете ги од фрижидер и превртете ги. Кокосовиот врв (крем) ќе се појави на површината.
- Издвојте го кокосовиот крем и додајте го во блендерот. Кокосовата вода што ќе остане искористете ја за смути или испијте ја.
- Во блендерот додајте ги јаворовиот сируп и екстрактот од ментол. Блендирајте 3-4 минути.
- Смесата ставете ја во подлабок сад со капак кој може да се користи и за во замрзнувач или во пластична кутија. Додајте го чоколадото и убаво измешајте.
- Садот затворете го и ставете го во замрзнувач 6 часа или најдобро преку ноќ.
- Сладоледот извадете го 10 минути пред послужување за малку да се одмрзни.
Ви препорачуваме да прочитате: Посно смути со јаболко и банана.