банани

5 добри причини за да јадете банани

Бананите се овошно задоволство кое ни е достапно преку целата година, а може да ги наречеме чувари на нашето здравје. Бананите водат потекло од југоисточна Азија, џунглите на Малезија, Индонезија и Филипините. Нивниот вкус и одличниот нутритивен состав, ги поттикнале луѓето насекаде низ светот да одгледуваат банани и да произведуваат над 105 милиони тони годишно.

Ниската количина на заситени масти, холестерол и натриум, како и богатиот извор на растителни влакна, витамин Ц, Б6 и железо се само дел од состојките кои ги содржат бананите, а имаат благопријатно дејство врз организмот. Нутриционистите препорачуваат редовно да јадете банани, а некои од причините се:

Помагаат да ја надминете депресијата

Високото ниво на триптофан кој го содржат бананите, во организмот се претвора во серотонин, познат како хормон на среќата. Серотонинот е одговорен за доброто расположение и помага за полесно справување со стресот.

Превенираат појава на мускулни грчеви и остеопороза

Бананите се богат извор на калиум, кој има важна улога за одржување на правилна функција на нервите и мускулите. Нормалното количество на калиум во телото, го спречува губитокот на калциум преку урината, а со тоа ги заштитува коските од остеопороза.

банани

Ако имате висок крвен притисок јадете банани

Консумирањето на солена храна и ниските количини на калиум во организмот го зголемуваат крвниот притисок. Консумирањето на храна богата со калиум, како што се бананите, го намалува високиот крвен притисок и превенира од појава на срцев удар.

Го подобруваат варењето на храната

Бананите содржат растителни влакна кои го подобруваат варењето на храната, го поттикнуваат растот на нормалната цревна флора и се корисни за елиминирање на штетните материи од организмот.

Го зајакнуваат имунитетот

Како резултат на високата застапеност на витаминот Б6, бананите го стимулираат производството на белите крвни клетки. А поволниот состав на минералите, ги прават одлична храна за воспоставување на електролитен баланс после дијареја. Покрај тоа, бананите содржат антиоксиданси кои ги неутрализираат слободните радикали и на тој начин го штитат телото од хронични заболувања.

Сподели: