леќа - идеално здрава храна

7 придобивки за идеално здравата леќа

Дали знаете дека леќата е прва намирница која човекот почнал да ја одгледува? Таа не содржи заситени масти, ниту пак холестерол, а богата е со протеини, селен и железо, растителни влакна, фолна киселина и е идеална за намалување на телесната тежина. Во 100 грама варена леќа има 9 грама протеини и 8 грама растителни влакна.

Лековитите својства на леќата се многубројни и доста значајни, а ние ги издвоивме следните 7:

Го штити здравјето на срцето

Неколку студии покажаа дека со консумирање на леќата се намалува ризикот од срцеви заболувања. Таа е одличен извор на фолна киселина и магнезиум, кои се значајни за правилна функција и одржување на здравјето на срцето. Фолната киселина ја намалува количината на аминокиселината хомоцистин во организмот, која е сериозен фактор на ризик за срцеви заболувања. Магнезиумот го подобрува протокот на крв, кислород и хранливи материи во телото.

Ја зголемува енергијата

Леќата е богата со железо и се препорачува да ја консумираат жени кај кои дефицитот од овој минерал е почеста појава, особено во менструалниот циклус. Доколку имате недостаток од железо, консумирајте леќа. Таа во споредба со црвеното месо, има предности, затоа што не содржи масти и голем број на калории. Железото е составен дел на хемоглобинот кој го транспортира кислородот од белите дробови до сите телесните клетки, и е исто така дел од клучните ензимски системи за метаболизмот и производството на енергија.

Помага за намалување на холестеролот

Леќата помага во намалувањето на холестеролот во крвта бидејќи таа содржи високо ниво на растителни влакна, а со тоа доведува до намалување на ризикот од срцеви заболувања и мозочен удар.

леќа - идеално здрава храна

Ја помага работата на дигестивниот систем

Растителните влакна кои се наоѓаат во леќата помагаат во спречувањето на запек и други дигестивни нарушувања, како што е синдром на надразнети црева.

Го стабилизира нивото на шеќер во крвта

Освен тоа што имаат корисен ефект врз дигестивниот систем и срцето, растворливи растителни влакна помагаат да се стабилизира шеќерот во крвта. Ако страдате од шеќерна болест, мешунките како што е леќата, можат да ви помогнат во балансирањето на нивото на шеќер во крвта, така што обезбедуваат стабилна и бавно согорена енергијата. Растворливите влакна го намалуваат нивото на шеќерот, додека нерастворливите го забрзуваат метаболизмот на варењето и го скратуваат времето на задржувањето на храната во цревата. На тој начин се намалува и ризикот од рак на дебелото црево.

Помага во намалувањето на телесната тежината

Ако сакате да ја намалите телесната тежина, редовно консумирајте леќа. Таа богата е со растителни влакна, протеини, витамини и минерали, а има мал број на калории и не содржи масти, па затоа спаѓа во групата на храна која се препорачува при диети.

Добар извор на протеини

Леќата е одличен извор на протеини, а особено е корисна за задоволување на потребите кај вегетаријанците. Од сите мешунки и ореви, леќата содржи највисок процент на протеини, така што 26 проценти од калориите на леќата припаѓаат на протеините.

Сподели: