Aлкохол за среќа и ослободување од стрес, да или не?

Тој е еден од најчестите и опасни пороци на секојдневието, затоа е вредно да се запрашаме, помага ли чаша алкохол против напнатост и страв, има ли значење за нашата среќа и намалување на стресот, можно е тоа или не?

Ајде малку да елаборираме за тоа како се произведува алхохол, кои се неговите состојки и неговите ефекти. Оваа содржина е малку пообемна, но вредна за вашето знаење, прочитајте ја до крај.

Алкохолот се произведува со користење на квасец кој ги ферментира шеќерите од овошјето или житариците за да се произведи опојна супстанција наречена етанол. Различните алкохоли се произведуваат различно, виното е направено со ферментација на грозје, пивото е направено од из’ртен јачмен, а во вотката клучните состојки се житарици, компири, репка и меласа. За разлика од храната, алкохолот не е потребно да биде дигестиран и може да помине побрзо и лесно од желудникот во крвотокот, од каде што се потребни само неколку минути да стигне во секој дел од телото.

Работата на црниот дроб е да го разложи етанолот и да го елиминира од телото. Но, просечниот црн дроб може да разложи само еден пијалок на час и ништо не може да го забрза овој процес, дури ни црно кафе или ладен туш, освен да се остави на времето додека се заврши тој процес. Затоа во меѓувреме останатиот алкохол во телото кој не може да се разложи предизвикува алкохолна интоксикација (труење) и порeметување на нормалните функции. Дури и утрото по една тешка ноќ во која се консумирал алкохол, можно е се уште нивото на алкохол да биде над законската граница за возење.

Додека алкохолот се елиминира преку црниот дроб, сеуште продолжува да циркулира во крвотокот, влијаејќи на фронталниот лобус на мозокот во прв план. Со тоа ослободува дополнителен ендорфин – хормон на среќата. Овие хормони се поврзани со центрите на мозокот за задоволство и со тоа може да се објасни зошто неколку пијалоци може да направат да се чувствувате среќни и помалку повлечени, да се зголеми самодовербата и да се изгубат стравот и напнатоста. За жал, фронталниот лобус е исто така одговорен за многу критички настроени размислувањa и проценки на состојбата, а тоа е причината зошто опиени поединци често се чувствуваат дека се смешни, шармантни и совршено способни за да возат до својот дом.

Aлкохол за среќа и ослободување од стрес, да или не

Како еден поединец ќе ги искуси последиците од пиењето варира од личност до личност и ситуација до ситуација, а во секој случај алкохолот ги успорува функциите на мозокот и делува како седатив. Тоа е причината поради која луѓето имаат тенденција да се движат некоординирано и да зборуваат неповрзано кога испиле премногу алкохол. Ефектот на индиферентност од алкохолот може привремено да го намали чувството на анксиозност. Дури може да се ублажат симптомите на сериозни ментални здравствени проблеми како депресија со емоционална потиснатост. Но алкохолот, исто така, ги тера луѓето да се чувствуваат уште полошо, кога неговите ефекти почнуваат да се губат – со што може да почне опасен циклус на зависност. Исто така, големата количина на внесен алкохол предизвикува целосна загуба на контола, потоа и губење на свеста, може да следи кома, а во најлошите случаи може да доведе и до смрт.

Освен болката, мамурлакот може да доведе до послаба или поизразена анксиозност или раздразливост. Опасно е кога луѓето мислат дека пијалокот после работа е прифатливо ослободување од стресот предизвикан од работните обврски или разните причини кои ги иритираат нивните животи, всушност нивната вознемиреност може да дојде точно од пиењето на алкохол. Земањето на една чаша вино или виски за да се намали ефектот од пиењето од претходната ноќ може всушност да индуцира само зголемена aнксиозност (нервозни реакции) која е резултат од пиење, а не од стресот. Особено е опасно внесувањето на алкохол во подолг период, бидејќи може да предизвика сериозно оштетување на организмот, зголемување на прагот на толеранцијата и навикнување на алкохолот што од друга страна води до развивање на зависност. Зависноста резултира со симптоми како треперење, потење, нервозност, а возможни се и халуцинации.

Запрашајте се: „Можам ли да го запрам пиењето денес и да не пијам повторно цел месец?“ и имајте ја во предвид вашата моментална реакција. Ако одговорот е решително “Да” тоа е одлично. Меѓутоа, ако мислата ви остава чувство на вознемиреност или одговорот е “Не”, може веќе да сте во некоја фаза на алкохолна зависнот. Како и да е, треба да се ангажирате да дознаете повеќе факти во врска со злоупотребата на алкохол и да побарате стручна помош доколку е тоа потребно. Денес има на располагање многу методи за помош и постои голема веројатност и одлична шанса за да можете да го запрете продлабочувањето на зависноста од алкохолот.

Сподели: