ролана посна баклава со ореви и чоколадо

Ролана посна баклава со ореви и чоколадо

Во нашата кујна креиравме слатко традиционално задоволство и ја нарековме ролана посна баклава со ореви и чоколадо. Интернетот изобилува со рецепти за баклава во кои се користи многу маргарин и шеќер, но бидејќи ја знаеме штетноста на истиот, решивме да креираме рецепт за посна баклава со ореви и чоколадо, без маргарин и со помала количина на шеќер, а воопшто не заостанува по вкус. Пробајте и ќе знаете!

Вака припремената баклава ја послуживме на нашите гости за време на посна куќна слава, а на сите им се допадна, па затоа го споделуваме рецептот со сите вас. Комбинацијата од ореви, чоколадо, кокос, бисквити и суво грозје, ја прават оваа посна баклава, со предизвикувачи вкус, кој ќе ве натера да го пробате рецептот во првата прилика и да заборавите на сите комплицирани рецепти кои содржат многу маргарин, масло или шеќер.

ролана посна баклава со ореви и чоколадо

Состојки:

  • 500 грама кори за баклава

Фил:

  • 200 грама посно чоколадо
  • 200 грама ореви
  • 100 грама суво грозје
  • 100 грама кокос
  • 100 грама посни бисквити

За премачкување на корите:

  • 150 мл газирана минерална вода
  • 50 мл масло

Шербет:

  • 600 грама шеќер
  • 800 мл вода
  • 2 ќесички ванилин шеќер
  • свежо цеден сок од 1 лимон.

Подготовка:

  1. Во чинија ставете го сувото грозје и додајте 100 мл топла вода за да го прекрие грозјето. Оставете го грозјето за време од 10 до 15 минути.
  2. Оревите и бисквитите ситно истолчете ги. Чоколадото изрендајте го на ситната страна на рендето. Во длабок сад ставете ги ренданото чоколадо, толчените ореви, бисквитите кокосот и сувото грозје. Добро измешајте ги состојките.
  3. Во чинија ставете ја газираната минерална вода и маслото. Добро измешајте ги.
  4. Корите поделете ги на еднакви делови, така што во секој дел да има по 3 кори или 4 кори, доколку се потенки.
  5. Првата кора ставете ја на работната маса и попрскајте ја со растворот од вода и масло. Врз неа ставете ја втората кора и таа попрскајте ја со водата и маслото. На крај, ставете ја третата кора. На едниот крај од кората, оставете простор од 1 см и ставете 4 до 5 лажици од филот. Филот распоредете го по должината на кората. Трите кори свиткајте ги како ролат и ставете ги во претходно намрсен плех за печење.
  6. Постапката со виткање на корите како ролат, повторете ја со преостанатите кори.
  7. Штом ги наредите сите кори во тавата, со помош на остар нож исечете парчиња, со големина по желба.
  8. Плехот ставете го да се пече во загреана рерна на 180 степени за време од 30 минути, додека баклавата добие убава румена боја.
  9. Печената посна баклава оставете ја да се излади.
  10. Шербетот припремете го така што, во тенџере на силен оган ќе ги ставите водата, шеќерот и ванилиниот шеќер. Штом шербетот зоврие, варете го за време од 3 до 4 минути. Потоа, тенџерето тргнете го од оган и во шербетот додајте го свежо цедениот сок од лимон. Шербетот оставете уште 5 минути да се излади, а потоа полејте ја баклавата. Вака припремената посна баклава со ореви и чоколадо оставете ја неколку часа (најдобро е преку ноќ) на собна температура за да се впие шербетот. Потоа, послужете ја. На здравје!

Сподели: