Деновиве се исполнети со празнична магија, вкусни солени и слатки јадења, а трпезата за еден од најголемите христијански празници не би можела да се замисли без традиционалниот божиќен колач со суво овошје. Вкусот се памети и ги радува сетилата, а еве како може да го направите.

Состојки:
За тесто:
- 5 шолји брашно (1 шола = 200 мл)
- 1 шола млеко
- 3/4 шола шеќер
- 2 јајца
- 50 гр маргарин или путер
- 50 гр масло
- 40 гр квасец и прстофат сол.
За фил:
- 200 гр кандирано овошје (ананас, кајсии, брусница, суво грозје,изберете по желба)
- 2 ќесички ванилин шеќер
- 1/4 шола шеќер
- 1 лажица цимет
- 30 гр маргарин или путер за премачкување на кората.
Подготовка:
- Квасецот со дел од топлото млеко и малку брашно и шеќер се остава да нарасне.
- Сувите состојки се мешаат, па се додаваат во садот со квасецот и со топлото млеко се замесува меко тесто. За почеток е добро да се стават прво 4 шолји брашно, а потоа при месењето по потреба да се додава петтата шолја.
- Тестото се остава на топло да за да нарасне.
- Во меѓувреме припремете го овошјето. Поголемите парчиња ситно исечкајте ги, а ако користите суво грозје потопете го во топла вода и по желба додадете рум.
- Нараснатото тесто се развлекува во правоаголна форма, се премачкува со маргаринот или путерот кој е пожелно да биде растопен или чуван на собна темпаратура, а врз него се распоредува овошјето.
- Најгоре се наросува со шеќерот, ванилиниот шеќер и циметот, а кога се е додадено свиткајте ролат.
- Ролатот се става во намарсен калап за куглоф или друг калап, може и во плех, така што да биде поставен во круг и надворешните делови да се засечени со нож на секои 5 см, па колачот ќе изгледа многу подекоративно.
- Оставете на топло околу 20 минути за повторно да нарасне.
- Краевите на колачот се залепуваат со белка, а одозгора се премачкува со жолчката.
- Се печи на 180 степени, околу половина час. Доколку почне пребрзо да темнее, ставете алуминиумска фолија за да се заштити додека се допечи внатрешноста.
- Печениот божиќен колач покријте го со кујнска крпа и оставете го 15-20 минути да одмори, а потоа извадете го од калапот и посипете го со шеќер во прав.
Имајте среќни и весели празници!
Рецептот го испратил: Клара Бос.