Во потрага сте по лесна и брза солена торта која ќе ви ја краси празничната трпезата за било која домашна прослава или свеченост? Па, благодарениe на Лана, споделуваме со вас интересен и лесен рецепт за солена торта со туна.
Ние ги обожаваме солените торти. Тие се вкусни, а и декоративни. Совршено се вклопуваат на секоја празнична трпеза и се неизбежен додаток на семејните прослави и свечености. Но, најчесто нивната подготовка е сложена и комплицирана со многу состојки. Затоа, особено им се радуваме на едноставните рецепти со малку состојки, кои лесно и брзо може да ги направи секој. Дури и оние кои не се особено вешти во кујна. Ова е токму таков рецепт. Вреди да се проба уште при првата прилика.

Состојки:
- половина пакетче интегрален леб за тост
- 400 г изварка
- 360 г туна од конзерва
- 2-3 лажици кисела павлака
- сол и црн пипер по вкус
- сечкан магдонос или други зачини по желба
- сечкани маслинки по желба.
За декорација:
- 200 грама кисела павлака за премачкување
- 1 свежа краставица
- 1 домат за изработка на ружички
- магдонос.
Подготовка:
- Калапот со кружна форма (за замена може длабока чинија), обложете го со најлонска фолија и наредете го со парчиња леб за тост на кој претходно сте му ја отстраниле кората. По потреба лебот исечете го на помали парчиња за подобро да се вклопи во калапот.
- Туната процедете ја од маслото и измешајте ја со изварката.
- Додајте неколку лажици кисела павлака за подобро да се поврзат состојките.
- Посолете и зачинете со црн пипер по вкус, а по желба може да додадете и сечкан магдонос и маслинки. Вака подготвениот фил поделете го на два дела.
- Врз парчињата леб распоредете го првиот дел од претходно подготвениот фил. Врз него ставете парче леб, па нанесете го и преостанатиот фил.
- На крај, целата торта затворете ја со уште едно парче леб на кое ќе му ја отстраните кората за подобро да се вклопи.
- Вака подготвената торта ставете ја во фрижидер најмалку 1 час за да се стегне.
- Готовата торта премачкајте ја со павлака.
- Откако ќе се стегне декорирајте ја со парчиња свежа краставица, ружа од домат и гранче магдонос. А може да ја декорирате и на друг начин по ваша желба. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Солена торта со коцки леб.