Секоја вевчанска трпеза претставува максимално уживање за сите сетила. Преку вевчанската храна, а особено познатите вевчански питули, каде и да се наоѓате, ќе имате можност додека јадете, да ги почувствувате убавите моменти што ви се случиле во Вевчани. Ќе ви се вратат сликите од Вевчанскитe извори, недопрената природа и прекрасното место кое изобилува со вкусна храна, вино, добри домаќини и моменти кои ќе ги паметите вечно.
„И овој рецепт нека отвори нова страна на убавини. Убавини кои ќе ви ја погалат душата, ќе ви го стоплат срцето и ќе ви закажат нова средба во Вевчани, под падините на Јабланица, на 20-30 метри од жуборот на Матица. Ах Вевчани, криеш убавини и живот!“ – вели Бранко.

Состојки:
- 1 кг брашно тип 400
- 1 л млака вода
- 2 мали лажички сол
- 1/2 мала лажичка шеќер.
За фил:
- 200 гр сечкани ореви
- 500 мл вода
- 30 мл маслиново масло
- 5 сечкани чешниња лук.
Подготовка:
- Во длабок сад ставете ги брашното, солта и шеќерот и убаво измешајте ги.
- Во смесата од суви состојки постепено и со мешање додавајте ја водата. За да не ви останат грутчиња, може да користите и миксер. Треба да добиете смеса како за палачинки, a по потреба, густината може да ја прилагодите со додавање на брашно или вода.
- Во питуличарка или поголемо тавче за палачинки намачкано со малку масло, ставете од смесата. Печете околу 2 минути од едната страна, па уште 2 од другата. Истата постапка повторувајте ја додека имате од смесата. Тавчето мачкајте го со масло после секоја испечена питула.
- Како што ги печите питулите, така покривајте ги со сува крпа за да останат меки.
- Состојките за фил ставете ги во сад и измешајте ги.
- Тепсијата во која ќе печите премачкајте ја со масло. Во неа ставете една питула, а врз неа ставете од филот. Истото повторете го со сите питули. Последната намачкајте ја со масло.
- Оставете да отстои 15 до 20 минути.
- Печете во претходно загреана рерна на 180 до 200 степени, околу 20 минути.
- Послужете со ајвар, лутеница, овчо сирење и јогурт.
Автор на рецептот: Бранко Попоски, @cookingwithbranko.
Ви препорачуваме да прочитате: Потпечена солена торта со питулици и сирење.