Имаме нов рецепт за вегетаријанска протеинска салата со печурки, просо и јајце, која може да ја послужите и како оброк за ручек или пак вечера.
Приготвена во нашата кујна со едноставни и лесно достапни состојки. Сигурни сме дека ќе ви се допадне, па во првата прилика ви препорачуваме да ја направите и дегустирате. Од наведените состојки ќе добиете една поголема чинија со салата, па по желба состојките може да ги зголемите. Уживајте во вашиот здрав оброк!

Состојки:
- 1 ½ чаша сечкана марула
- 2 лажици маринирани сечкани печурки
- 1 лажица маслиново масло
- ½ чаша варено просо
- 1 варено јајце
- 1 домат
- рендан кашкавал по желба
- рендан пармезан по желба
- оригано по вкус.
За сос:
- 1 лажица кисела павлака
- свежо цеден сок од лимон
- хималајска сол
- црн пипер по вкус.
Подготовка:
- Марулката ставете ја во мал длабок сад. Во садот додајте ја киселата павлака, малку свежо цеден сок од лимон, посолете и зачинете со мелен црн пипер по вкус. Измешајте ја салатата.
- Во нелеплива тава на оган, на умерената температура ставете малку маслиново масло да се загрее. Во загреаното масло додајте ги исцедените маринирани печурки. Пропржете ги околу една до две минути.
- Во чинија за сервирање ставете ја марулката, додајте го вареното и изладено просо. Врз просото ставете ги пропржените печурки.
- Јајцето излупете го и исечете го на четвртинки.
- Доматот исечете го на половина, а потоа половините пресечете ги на уште неколку делови.
- Во чинијата со салатата додајте ги сечканото јајце и доматот. На крај ставете рендан кашкавал и поросете со пармезан и оригано.
- Готовата протеинска салата со печурки, просо и јајце послужете ја веднаш. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Свежа салата со печурки и чија семе.