Велигденска свежа салата 1

Велигденска свежа салата

Пролетта и Велигденските празници се време од годината во кое сите ние посебно уживаме! Пазарите стануваат шарени и богати со разни бои кои го слават животот и ги симболизираат убавите нешта во него! А ние, кога ќе ги видиме сите тие убавини, веднаш помислуваме да креираме некој интересен и многу вкусен рецепт, па овој пат во пресрет на еден од најголемите христијански празници, ви предлагаме да си направите велигденска свежа салата!

Нова комбинација на состојки, вкусна и декоративна како во ресторан. Плус, кога разнобојните зеленчуци ќе ги зачиниме со квалитетни производи, тогаш резултатот е неизбежно добар! Еве кои се состојките за нашата нова омилена салата за подготовка на 4 порции.

Велигденска свежа салата 2

Состојки:

За салата:

  • 4 варени јајца
  • 2 средно големи домати
  • 16-20 ливчиња спанаќ по желба
  • 4 листови свежа марула
  • 1 чаша ситно сечкана или рендана црвена зелка
  • 1 зрело авокадо
  • 12-16 млади гранчиња рукола.

Зачини за прелив

  • масло по вкус
  • црн, бел, црвен бибер и крупна морска сол по вкус
  • свежо цеден сок од 1 лимон.
Велигденска свежа салата

Подготовка:

  1. Прво измијте ги спанаќот, марулата и руколата, па оставете ги малку да се исцедат.
  2. Црвената зелка ситно исечкајте ја или изрендајте ја.
  3. Доматот измијте го и насечете го на покрупни парчиња
  4. Потоа исечкајте ја и марулата на поситни парчиња, при што препорачуваме нежно да ја држите и да не ја притискате.
  5. Варените јајца излупете ги и пресечете ги на 4 парчиња по должина.
  6. Авокадото излупете го последно за да не потемни, па пресечете го по должина во вид на ленти (како на фотографијата). Овој начин на пресекување го препорачуваме за салатата да има подекоративен изглед.
  7. На крај, по желба можете да ги сервирате состојките во една голема порција или во 4 порции соодветно. Ако сервирате во 4 садови, состојките се планирани за да може да ги поделите лесно, па може да се одлучите и за таа варијанта без да имате некаков проблем.
  8. За која и варијанта на сервирање да се одлучите, преливот додајте го на крајот. Маслото измешајте го со лимоновиот сок, а потоа додајте црн, бел, црвен бибер и крупна морска сол. Наместо да се мачите и да ги комбинирате зачините, сега може да набавите се во едно пакување, кое го има во поголемите маркети. Ако пак сите имате различен вкус, најдобра опција е да ја распределите салатата во одделни порции, а потоа секој да ја зачини засебно по своја желба.

На здравје и нека ни се за многу години празниците!

Ви препорачуваме да прочитате: Велигденски куглоф со мармалад и суво овошје.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: