Ако сакате да се засладите со нешто домашно и вкусно, што знаете дека ќе ве исполни со енергија и ќе ви го подобри расположението, го читате вистинскиот рецепт. Направете испробано вкусна гранола бар од здрави состојки во вашата кујна. Ние пробавме и неодоливо е, а многу е лесно.
Нам ни се допадна вкусот на рецептот кој ви го предлагаме, а вие ако посакате, по желба може да додадете и чоколаден чипс, некое суво овошје или јаткасти плодови, ванила и слично. Од предложената доза се добиваат од прилика 10 гранола бар парчиња. Кога имаме малку време е супер идеја, па зошто да купуваме кога може да пробаме хранливо, домашно и вкусно?

Состојки:
- 200 гр урми (по можност свежи)
- 1/2 чаша бадеми (по желба може да измешате ореви и бадеми)
- 1/2 чаша микс од четири семиња
- 1 1/2 чаша овес
- 1/4 чаша мед или јаворов сируп
- 1/4 чаша путер од кикиритки или од бадеми.
Подготовка:
- Најпрво исчистете ги урмите од семките. Потоа ситно исечкајте ги или уште подобро изблендирајте ги околу 1 минута, додека од нив се оформи смеса со конзистенција на „тесто“.
- Бадемите и семињата од миксот може да ги употребите непечени или да ги ставите кратко, во загреана рерна на 150 степени, околу 10-тина минути за да имаат поизразена арома. Ние ги обожаваме кога вкусот им е изразен, па препорачуваме да не го прескокнувате овој чекор.
- Во поголем сад ставете ги овесот, бадемите, миксот од четирите семиња и претходно измелените урми.
- Во сад на оган, на ниска температура загрејте го медот со путерот од кикиритките.
- Кратко потоа, додајте ја смесата од овес, бадеми, семиња и урми. Измешајте убаво да се соединат состојките и добро да се распределат урмите.
- Смесата распоредете ја во тава со просечна големина од 20х20см. Ако сакате потенки или подебели гранола барови слободно прилагодете ја висината по желба.
- Одозгора покријте ја смесата со најлонска фолија и притиснете за да израмните. За да ви биде полесно рамнењето на површината може да го правите со помош на чаша.
- Завиткајте ја штанглата во најлонско ќесе или со фолијата и ставете ја во фрижидер за замрзнување за време од 20 минути заедно со тавата во која сте ја обликувале.
- Потоа, извадете ја од фрижидер и исечете ја на 10 гранола бар парчиња или пак по желба може да направите 9 квадрати. Чувајте ги во затворен сад, а трајноста им е неколку дена. Ако сакате да бидете посигурни во тоа и да ви трааат подолго, чувајте ги во фрижидер. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Гранола со мед, јаткасти плодови и портокал.