За црните сливи се вели дека се вистински природни мултивитамини кои го штитат здравјето и го подобруваат варењето на храната. Свежите и сочни црни сливи се ниско калорични овошки – само 46 калории во 100 грама, а се богати со витамини и минерали кои го подобруваат здравјето. Тие содржат растителните влакна, сорбитол и исатин кои се познати како помагачи и регулатори на работата на дигестивниот систем, а со тоа превенираат појава на запек.
Затоа искористете ја летната сезона и направете домашен компот од црни сливи, кој ќе ви овозможи да уживате во вкусот и благодатите преку целата година. А што е најдобро е 100% природен и не содржи конзерванси, а сигурно ќе ве освежи вас и вашите најмлади членови во семејството. Ние го направивме компотот од црни сливи без шеќер, а ако сте љубител на поблаги компоти, може да додадете шеќер по желба.

Состојки:
- Црни сливи
- Шеќер по желба
- Вода
Подготовка:
- Сливите добро измијте ги, пресечете ги на половина и отстранете им ги семките. Во секоја тегла, малку повеќе од половина од висината, ставете црни сливи и по желба додајте 3 лажици шеќер.
- Во теглите со црни сливи дополнете вода, но оставете 1 до 2 см од врвот на теглата.
- Вака подготвените тегли свиткајте ги со хартија и наредете ги во шерпа или големо тенџере. Во шерпата налејте вода за да ги покрие теглите и приклучете го шпоретот на средна температура. Откако водата во тенџерето ќе зовре, варете уште 10 минути на тивок оган. Потоа исклучете го шпоретот и оставете ги теглите во шерпата да се изладат преку ноќ. Наредниот ден, теглите извадете го од шерпата, отстранете ја хартијата и ставете ги во зимницата.
- По желба, домашниот компот од црни сливи, може да го изблендирате со што ќе добиете многу вкусен сок. На здравје!