Tоплите денови ја будат желбата за ладни кремасти десерти, па со право може да се каже дека и најжешките денови полесно поминуваат со топче вкусен сладолед. Така се инспириравме да ви дадеме идеја за да си направите домашен кремаст сладолед со вкус на лимон, кој убаво ќе ве освежи во топлите денови.
Нема човек кој може да му одолее на ова мало слатко задоволство. Од деца, па се до возрасни сите обожаваат сладолед. Нас особено ни се омилени овошните сладоледи кои се ем кремасти, ем освежувачки. Овој е баш таков, кремаст и со прекрасен вкус на лимон. Совршен за жешките летни денови.

Состојки:
- 3 чаши млеко
- 6 жолчки од јајце
- 2/3 чаша шеќер
- 1 лажица екстракт од лимон
- ситно изрендана кора од три лимони
- 2 лажици свеж лимонов сок
- 1/3 чаша неразреден концентриран сок од лимон
Подготовка:
- Во тенџере на оган ставете го млекото да зоврие. Зовриеното млеко тргнете го на страна.
- Во длабок сад ставете ги жолчките и шеќерот. Матете ги со миксер додека добиете густа и светла смеса.
- Млекото повторно вратете го на оган, но на пониска температура.
- Жолчките постепено додавајте ги во врелото млеко и мешајте со жица за матење додека сместа се згусти. Важно е да мешате постојано за да нема грутчиња. Не дозволувајте смесата да зоврие, бидејќи жолчките би можеле да коагулираат, па сладоледот нема да биде кремаст.
- Додајте ги екстрактот од лимон, изренданата кора и свежиот лимонов сок и се добро промешајте.
- Вака подготвениот сладолед најпрво оставете го да се излади на собна температура, па ставете го во фрижидер најмалку 3 часа. Потоа, ставете го во замрзнувач или во машина за сладолед. Доколку го ставите во замрзнувач неопходно е да го мешате на секои 20 минути со жица за матење додека истиот потполно замрзни.
- Кога сладоледот ќе почне да замрзнува, во него додајте го и концентрираниот лимонов сок и се добро уште еднаш промешајте.
- Готовиот сладолед со вкус на лимон извадете го и послужете го со ливчиња свежо нане. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Кремаст домашен сладолед Алјаска – со бисквитна подлога.