Кој може да одолее на вкусни палачинки или кроасани полнети со домашен мармалад од праски со мед? Има ли нешто повкусно од препечен тост намачкан со ароматичен мармалад и чаша топло кафе за појадок? Искористете ги ароматичните праски и направете си вкусен домашен мармалад.
По желба може дел од праските да ги замените со кајсии. Во секој случај мармаладот ќе биде превкусен и нема да може да се воздржите да ја изедете цела тегла одеднаш. Вкусно и едноставно. Пробајте и уверете се и сами!

Состојки:
- 1 кг исчистени праски (по желба може 1/3 од праските да ги замените со кајсии)
- 200 г шеќер
- ¼ чаша мед
- сок и рендана кора од 1 лимон.
Подготовка:
- Најпрво измијте ги и исчистете ги праските, а потоа исечете ги на покрупни парчиња.
- Парчињата праски ставете ги во сад со средна длабочина. Додајте го шеќерот, медот и лимоновиот сок. Сите состојки добро измешајте ги и оставете ги да зовријат на средна температура.
- Откако смесата ќе зоврие, намалете ја температурата на шпоретот и оставете ја да вари уште 1 час со повремено мешање.
- После 1 час, овошјето треба да е меко, а течноста да е згусната во облик на сируп.
- Тргнете го садот од шпоретот и оставете го да се излади околу 10 минути. Откако ќе се излади, со помош на рачен блендер испасирајте ги праските се додека добиете мазна и хомогена смеса. По желба може да оставите и по некое покрупно парче овошје.
- Додека е сѐ уште е топол, мармаладот од праски соберете го во чисти тегли кои добро ќе ги затворите и чувате во фрижидер.
Ви препорачуваме да прочитате: Мармалад од кајсии без конзерванси.