Овие вкусни, крцкави, печени соленки со сусам ги направи нашата пријателка Диана од блогот Trydiani, за кои вели дека лесно и брзо се прават, а побрзо исчезнуваат од чиниите во кои се сервирани.
Сигурни сме дека овие соленки кои се крцкави од надвор, а меки во внатрешноста, со мала слатка нота и ароматичен вкус на сусам и мед, го освоија вашиот вкус!

Состојки (1 чаша = 240 мл):
- 1 мала лажичка сув квасец
- 2 лажици мед
- ¾ чаша млака вода
- ¼ чаша таан (паста од сусам)
- ¾ од мала лажичка морска сол
- 1 ¾ до 2 чаши брашно
- 2 супени лажици маџун, растворени во ¼ чаша вода (наместо маџун во замена може да користите 1 супена лажица мед)
- 1 1/3 чаша бел сусам
- ¼ чаша црн сусам или други семиња.
Подготовка:
- Во длабок сад се ставаат медот, пастата од сусам, сувиот квасец и млаката вода. Смесата се меша и се остава за време од 5 минути.
- Во садот се додава сол и 1 ½ чаша брашно и се започнува со месење на тестото. Се меси меко и еластично тесто, но не лепливо, а по потреба се додава уште брашно. Тестото се става во намрсен сад, се покрија со најлонска фолија и се остава да нарасне, додека се удвои во обем, за време од еден час или повеќе.
- Рерната се загрева на 175 степени.
- Нараснатото тесто се става врз набрашнета површина и се меси со рацете. Тестото се дели на 20 парчиња од кои се формираат топки во големина на орев.
- Од топчињата се сучат тенки форми со должина од 11 до 12 см и дебелина на молив. По желба се сечат на половина. Формите се ставаат во садот со слаткиот сируп од маџун и вода, а потоа се валкаат во сусамот. Се редат во тава покриена со хартија за печење и се печат за време од 20 минути, додека добијат златеста боја.
- Печените соленки со сусам се вадат од рерната, се оставаат кратко да се изладат и се сервираат додека се топли.
Ви предлагаме да прочитате: Посни грицки со сончоглед и сусам.