Вкусен италијански специјалитет за целото семејство! Ако сакате да направите нешто вкусно, тогаш вреди да издвоите време и да направите домашни тортелини во сос од сланина и пармезан по италијански рецепт.
Штом еднаш ќе ги пробате, сигурни сме дека ќе бидат дел од вашите омилени јадења. Одете во кујна и направете ги највкусните домашни тортелини во сос од сланина и пармезан.

Состојки:
- 400 гр брашно
- 4 големи јајца
За фил:
- 150 грама мелено месо
- 80 грама мортадела
- 80 грама чадена сланина
- 150 грама рендан пармезан
- 1 големо јајце
- 20 грама путер
- морско оревче по вкус.
За сос:
- 2 лажици путер
- 2 чешниња ситно сечкан лук
- 8 тенки ленти пропржена сланина
- 70 грама рендан пармезан
- ½ чаша млечна павлака за готвење
- 2 лажици ситно сечкан магдонос
- ½ лажичка свежо мелен црн пипер.
Подготовка:
- Врз работната маса ставете го брашното. Во средината направете дупка и додајте ги јајца. Јајцата и брашното матете ги со виљушка, а потоа замесете тврдо тесто. Тестото завиткајте го во фолија и оставете го да одмори два часа, а може и подолго.
- Во меѓувреме припремете го филот. Во тава на оган ставете го путерот да се растопи, а потоа додајте го меленото месо и кратко пропржете. Запрженото месо извадете го од тавата и оставете го да се излади.
- Мортаделата ситно изрендајте ја, а сланината ситно исечкајте ја.
- Во блендер ставете ги изладеното пропржено мелено месо, мортаделата и сланината. Кратко миксирајте, а потоа додајте ги ренданиот пармезан и јајцето. Повторно кратко миксирајте за да се добие хомогена смеса. Филот зачинете го со морско оревче, црн пипер и посолете по вкус.
- Потоа, поделете го тестото на 3 дела и секој дел истанчете го во правоаголна кора, па исечете го на квадрати со еднаква големина. Доколку имате на располагање, може да користите и машина за формирање на кори.
- На секое квадратче, во средишниот дел ставете по малку фил, а потоа преклопете ги по дијагонала за да добиете триаголник.
- Преклопете ги краевите на тестото преку прстот и благо притиснете ги за подобро да се залепат. На истиот начин направете тортелини и од останатото тесто, па оставете ги малку да се потсушат. Половина од тортелините спакувајте ги и замрзнете ги за нареден пат.
- Во големо тенџере на оган ставете вода да се вари. Во зовриената вода додајте половина од тортелините и оставете ги да се варат за време од 15 до 20 минути. Варените тортелини извадете ги и исцедете ги од течноста.
- Во тава на оган на ниска температура ставете го путерот да се растопи. Во растопениот путер додајте го ситно сечканиот лук и пропржете го за време од 1 минута, додека омекни.
- Тавата тргнете ја од огнот и додајте ги варените тортелини, пропржената сланина исчекана на мали парчиња, ренданиот пармезан и млечната павлака. Убаво измешајте со лажица и додајте го сечканиот магдонос. На крај, домашните тортелини во сос зачинете со свежо мелен црн пипер и послужете. На здравје!