Одличен рецепт за да подготвите пилешко месо на уникатен начин кој ќе ги фасцинира вашите дегустатори! Кате ни предложи комбинација на внимателно избрани состојки и зачини, која ќе ве одведе во еден нов кулинарски свет и вкус кој асоцира на егзотични патувања, а кој не би уживал во нив, нели?

Состојки:
За подготовка на месо:
- 400 гр пилешки гради
- 1 младо кромидче
- 1 филџан (130 мл) топло млеко
- 1 ќесичка (0,1 гр) шафран
- 3 лажици соја сос
- малку рендан свеж ѓумбир
- 2 лажици брашно
- сол, црн пипер по потреба
- маслиново масло и топла вода по потреба.
За подготовка на карамелизирани портокали:
- 2 портокали
- 2-3 лажици шеќер
- сок од половина портокал
- мелено каранфилче на врв од лажиче.
Подготовка:
- Месото исечете го на коцки, а потоа посолете и наросете со црн пипер.
- Измешајте за да ги прими зачините, а потоа посипете го со брашното и пак измешајте.
- Во тава на оган ставете маслиново масло да се загрее, па додајте го кромидчето исечено на кругови или ситни коцки.
- Кратко пропржете и додајте ги парчињата месо.
- Пржете додека месото ја промени бојата.
- Во топлото млеко растворете го шафранот, па додадете го во тавата.
- Додајте го соја сосот и малку рендан ѓумбир.
- Оставете го месото да се готви на тивок оган и повремено додавајте топла вода.
- Во друга тава на оган ставете го шеќерот и сокот од исцедниот портокал.
- Откако малку ќе се згусти додајте ги парчињата портокал.
- На крај, додадете мелено каранфилче и оставете на тивок оган да се карамелизира, па послужете ги со пилешкото месо.
На здравје!