Превкусен летен десерт! Здрави вафли со сладолед кои ни ги подготви нашата пријателка и драга читателка Анжелика! Ваквиот тип на десерти можеби не се преблаги, но се совршена замена за сите калорични торти полни со шеќер, а посебно ако пробувате да намалите телесна тежина или пак сакате да ја одржите онаа која ја имате. Може да сервирате со парчиња овошје за поголемо уживање во вкусот.
Здравите и вкусни десерти секогаш ни паѓаат на памет кога сакаме да подготвиме нешто за нас кога сме на диета или кога подготвуваме нешто за децата. Комбинацијата на банани, овесни снегулки и јаболка е совршен избор, особено кога имаат едноставна подготовка. А овие слатки вафли со сладолед од банана може да ги послужите како појадок или десерт со омиленото кафе.
Бананите и јаболката се намирници кои се корисни за организмот. Богати се со витамини и се одличен избор за децата. Растителните влакна во јаболката го намалуваат апетитот и го забрзуваат метаболизмот. Добри се и за здравјето на срцето и за подобрување на имунолошкиот систем. Во бананите има голема количина на калиум и растителни влакна. И двете состојки го подобруваат варењето на храната и даваат чувство на ситост. Поради големиот број на придобивки од комбинацијата на овие две овошја го споделуваме со вас овој рецепт за вкусен и неодолив десерт!
Состојки:
За вафли:
- 4 лажици овесни снегулки
- 1 јајце
- 1 лажиче какао
- 1 јаболко
- 1 лажиче цимет
- стевиа.
За сладолед:
- 1 банана
- 300 мл бадемово млеко.
За прелив:
- 2 лажици какао
- 2 лажици мед.
Подготовка:
- За вафлите: Овесни снегулки ставете ги во блендер и изблендирајте ги. Додајте ги јајцето, стевиата, какаото, ренданото јаболко и циметот. Убаво измешајте за да се соединат состојките. Вафлите печете ги на тостер или апарат за вафли.
- За сладоледот: Во блендер ставете ги бананата и млекото и изблендирајте ги. Добиената смеса претурете ја во сад и ставете ја во замрзнувач да замрзне.
- За прелив и сервирање: Во сад ставете ги медот и какаото и измешајте ги. Печените вафли сервирајте ги во чинија, врз нив ставете сладолед и прелијте ги со преливот. На здравје!
Автор на рецептот: Анжелика Димовска (Anzelikagotvi).
Ви препорачуваме да прочитате: Котлети на киевски начин.