Јогуртот се смета за супер храна. Традиционалниот пробиотски јогурт кој е направен со додаток на корисни пробиотици, претставува балансиран извор на протеини, масти, јаглени хидрати, витамини и минерали. Се верува дека ферментирањето на млечните производи датира од пред околу 6000 години, од централна Азија, како начин да се зачува и искористи млекото. Историските податоци покажуваат дека за кратко време, јогуртот бил многу посакуван и користен и во Индија, Персија и Турција. Па, да видиме подетално кои се докажаните здравствени придобивки од функционалниот јогурт.
Во истражувачка студија, објавена во Nutrition Research, во која учествувале 6526 лица, било потврдено дека консумацијата на јогурт е директно поврзана со целокупното подобро здравје, подобар метаболитички профил, поздрави нивоа на крвниот притисок и триглицеридите.
Освен тоа, било потврдено дека јогуртот ги задоволува потребите за многу хранливи материи, заради што е одличен извор на калциум, калиум, магнезиум, цинк, како и витамиините Б2 и Б12. Јогуртот е храна која е добра за општото здравје и добросостојба, а кога е богат со пробиотици, односно е функционален, тој е основа за правилен баланс на бактериите во цревата, за правилно функционирање на желудникот, намалување на воспаленијата, па дури и анксиозноста и депресијата, велат последните истражувања.

Јогуртот ја поддржува здравата дигестија
Здравите бактерии кои се додадени во состав на функционалниот јогурт, помагаат за подобрување на микрофлората во стомакот, која е одговорна за варењето на храната и здравјето на дигестивниот тракт. Овие активни култури помагаат за превенција од канцер на дебелото црево, иритабилен цревен синдром, запек, пролив и интолеранција на лактоза.
Го намалува ризикот од дијабетес тип 2
Неодамнешните студии со кои се истражувала зголемената консумација на функционален јогурт, покажаа дека постои намален ризик од развој на дијабетес тип 2. Јогуртот ја поддржува дигестијата и абсорпцијата на хранливите материи преку дигестивниот тракт, што е неопходно за здраво ниво на шеќерот во крвта.
Го намалува ризикот од колоректален канцер
Во голема студија која опфаќала 45 000 лица, а е објавена од International Journal of Cancer, било утврдено дека јогуртот помага во заштита од колоректален канцер. Повторно, причината се должи на корисните бактерии во неговиот состав.
Ја подобрува густината на коските и придонесува во спречување на остеопороза
Според Џери Нивс, доктор на науки и директор на болницата за здравје на коските (Bone Density Testing Helen Hayes Hospital) во Њујорк, адекватната консумација на јогурт игра главна улога во превенцијата на остеопорозата, а од микронутриентите најзначајни се калциумот и витаминот Д. Нивната комбинација има директен бенефит за скелетот, а во најголема мера тоа се должи на доволно високата содржина на витамин Д. Истиот, потенцира дека, поради високата содржина на витамин Д, млечните производи не е потребно да се фортифицираат (збогатат со витамин Д), затоа што содржат до 38 ИЕ во 250 мл.
Поддржува намалување на телесната тежина и го зголемува топењето на мастите
Според Универзитетот Тенеси во Ноксвил, јогуртот го подобрува топењето на мастите. Студијата покажала дека со консумација на 80-150 мл јогурт дневно, за време од 12 недели, загубата на масти се зголемува двојно. Групата која консумирала функционален јогурт и дополнително калциум за да достигне 1100 милиграми, изгубила 22% повеќе тежина и 61% повеќе масти. Најафектирани од тоа биле регијата на стомакот и струкот.
Го подобрува имуниот систем
Пробиотиците и останатите ферментирани млечни производи имаат способност да го подобрат мукозниот имунолошки систем на стомакот. Тоа се одвива преку зголемување на бројот на цитокини, кои претставуваат протеини на имуниот систем и во овој случај придонесуваат за подобар имунитет на системот за варење. Различни студии покажале дека ако се вклучи функционалниот јогурт во исхраната на децата, помала е можноста од посета на клиники, трески, земање на антибиотици, како и различни болести од имуна природа. Додека, кај возрасните, пробиотиците од јогуртот, посебно се значајни за здрава микрофлора и чување на системот за варење, како и воопшто за здравјето. Тоа го потврдила и студија во Шведска, каде бројот на отсуства од работа поради болест, бил намален за повеќе од 2 пати во услови на редовна консумација на пробиотици.
Јогуртот го намалува и регулира крвниот притисок
Во неговиот состав има повеќе од 600 милиграми на калиум во една чаша, што евидентно влијае на притисокот. Во 36 клинички испитувања и 17 студии, се потврдува влијанието на калиумот. Се смета дека ја намалува ресорпцијата на натриум, при што влијае на нервниот систем и снижувањето на крвниот притисок и целокупното здравје. Повеќе за оваа тема може да прочитате тука.
Го редуцира лошиот холестерол
Активните пробиотици во функционалниот јогурт, посебно Lactobacillus Acidophilus, го намалуваат нивото на холестерол. Со само 1 чаша на ден, во контролирана клиничка студија е забележано намалување на серумскиот холестерол за 2.4%, а ризикот од коронарна срцева болест бил намален за 6-10%.
Го регулира расположението
Позитивните ефекти на пробиотиците врз крвниот шеќер, веќе ги спомнавме. Па, како што гледаме, здравјето на стомакот е директно поврзано со нашето расположение. Тоа е докажано преку една студија спроведена од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес. Имено, со секојдневно консумирање на 2 порции функционален јогурт на ден, за времетраење од 4 недели, кај жените била намалена анксиозноста и подобро се справувале со контролирањето на емоциите од претходно.
Јогуртот помага за третирање на хронични болки и болести поврзани со мозокот
Во истата студија која ја спомнавме погоре, истражувачите откриле дека пробиотиците имаат потенцијал да помогнат при Паркинсонова, Алцхајмерова болест и аутизам. Исто така, било напоменато дека јогуртот е неопходно да се консумира посебно ако се земаат антибиотици. Тоа се должи на уништувањето на штетните, но и на корисните бактерии во дигестивниот систем, па функционалниот јогурт е тука за да го врати балансот.
Ви препорачуваме да прочитате: Јогуртот го снижува крвниот притисок и го чува здравјето.