Изобилува со витамини, растителни влакна и минерали! Приготвен во кујната на Сѐ за храна од најздравите состојки, овој прилог од моркови, трупка, кинеска зелка и кисели краставички е идеален за ручек или вечера.
На инспирација од ориенталната кујна креиравме нов рецепт за многу здрав прилог кој може да го послужите и како главен оброк. Супер изгледа и што е најважно има одличен вкус. Овој прилог идеален е за време на пости, за вегатеријанци, како и за лица кои имаат интолеранција на глутен и лактоза.
Трупката е нискокалорична, а богата со витамини. Една средна трупка задоволува 54% од дневните потреби на телото за витамин Ц, 8% манган, 7% калиум и 5% витамин Б6, фолати и бакар. Кинеската зелка е богата е со антиоксиданси како што се каротеноиди, лутеин, зеа ксантин и сулфофран. Покрај антиоксидансите, кинеската зелка исто така изобилува со растителни влакна.
Ѓумбирот е познат како најмоќниот природен лек и зачин. Ладно цеденото сончогледово масло го зајакнува имунитетот, му дава енергија на телото, корисно е за срцето, го подобрува здравјето на кожата, служи како превентива за канцер, го намалува нивото на холестерол, заштитува од астма и ги намалува воспаленијата. Доволно причини кои ќе ве поттикнат да го направите овој здрав прилог од зеленчук уште денес!

Состојки:
- 1 поголема трупка
- 2 моркови
- 8 до 10 листови кинеска зелка
- 3 до 4 кисели краставички
- ѓумбир во прав
- 1 лажица сусам
- 1 лажица ладно цедено сончогледово масло
- хималајска сол по вкус
- црн пипер по вкус
- 2 лажици соја сос.
Подготовка:
- Трупката и морковите се лупат и се рендаат на долги ленти. Кинеската зелка ситно се сечка на ленти.
- Киселите краставички се сечкаат на долги ленти и убаво се цедат.
- Во нелеплива тава на оган, на умерена температура се става 1 лажица ладно цедено масло да се загрее. Во загреаното масло се додаваат трупката и морковите. Зеленчукот повремено се меша и се пржи за време од 3 до 5 минути додека омекне.
- Потоа, во тавата се додаваат сечканата кинеска зелка и киселите краставички. Се продолжува со пржењето додека зелката омекне.
- На крај во тавата се додаваат ѓумбирот во прав, сусамот, соја сосот, се посолува по вкус и се зачинува со мелен црн пипер.
- Здравиот прилог од моркови, трупка, кинеска зелка и кисели краставички се служи додека е топол.
Ви предлагаме да прочитате: Зимска витаминска салата за забрзување на метаболизмот.