Со затоплувањето на времето сите сме во очекување на летното расположение, одмор, долги вечери покрај море, планина или во зелените паркови. Гледано од кулинарски аспект, летото е синоним за освежителниот сладолед кој сите го обожаваат. И ние сакаме сладолед, па затоа ви претставуваме здрава варијанта на чоколаден сладолед, кој се прави од кокосово млеко, банана, какао и портокал, по рецепт од нашата пријателка Диана.
Ароматичното кокосовото млеко е богато со минерали како манган, железо, магнезиум, фосфор, калиум и селен, а од витамините преовладуваат фолната киселина и витаминот Ц. Богато е со здрави масти, кои го стимулираат метаболизмот и функцијата на тироидната жлезда, па се препорачува како дел од исхраната кај лица кои сакаат да ја намалат телесната тежина. Какаото го подобрува здравјето и расположението, а содржи повеќе од 300 состојки кои имаат позитивно дејство врз организмот, кожата и мозокот.

Состојки:
- 400 мл кокосово млеко
- 1/3 чаша какао
- ¼ чаша кафеав шеќер, или по вкус
- 1 лажица мед
- 1 мала лажичка ликер од портокал
- 1 кесичка ванилин шеќер
- 1 мала лажичка кора од портокал/лимон
- 1 мала лажичка инстантно кафе
- 1 банана
- По желба може да се додаде: суво грозје, мелени ореви, мелени колачиња и чоколадо.
Подготовка:
- Бананата се сече на кругови. Парчињата банана се ставаат во најлонска кеса и се замрзнуваат за време од 1 до 1,5 часа.
- Кокосовото млеко се меша со какаото, шеќерот и кората од портокал/лимон. Смесата се става во сад на оган и се меша, додека зоврие.
- Потоа, садот се трга од оган, а смесата се прецедува. Во процедената смеса се додаваат ликерот, ванилата, кафето и се засладува со медот. Се остава да се излади.
- Замрзнатите парчиња од банана се миксираат во блендер со поголема брзина, а постепено се додава чоколадната смеса.
- Кремастата смесата за чоколаден сладолед се става во калапи или во длабок пластичен сад со капак и се остава во замрзнувач за време од 12 часа, а најдобро е преку ноќ.
- Пред сервирање, калапите за сладолед се ставаат во топла вода за време од 30 секунди, а потоа се вадат формите. Сладоледот може да се сервира со парчиња банана или кокос. На здравје!