Продолжуваме со рубриката интервју на sezahrana.mk. Овој пат на прашањата одговараше нашиот член Бодан Ѓорговски, технолог за квалитет и безбедност на храна. Бодан во ова интервју ни објасни која е улогата на еден технолог во производството на храна. Ако и вие сакате интервју, пишете ни на info@sezahrana.mk. Станете член на групата на Сѐ за храна и споделете ги вашите уникатни рецепти и искуства.
Ајде да се запознаеме со професијата технолог за квалитет и безбедност на храна и кои се советите на Бодан за избор и подготовка на храна!

Што се подразбира под професијата технолог за квалитет и безбедност на храна?
Професијата технолог за храна опфаќа следење на процесите за безбедност и квалитет на храната кои се заведени во HACCP и ISO стандардите. Одговорностите се големи, технологот стои зад квалитетот, безбедното чување на суровините, безбеден процес на припрема, соодветен начин на пакување и соодветен транспорт на храната, како и анализа на целиот работен процес.
Кои квалитети треба да ги има еден технолог за тимот да биде успешен?
Пред сѐ потребно е да поседува организациска способност и да биде подготвен на тимска работа и мониторирање на голем број на луѓе, како и нивната работа. Да сака нови предизвици во работењето, да ги следи светските индустриски трендови на технологија на пакување, правилно чување и приготвување на храната.
Дали се случило да не одобриш некоја испорака на храна?
Секако. Моја обврска е да бидам совеста во функционирањето на една кокмпанија и со тоа да ги сспречам можнитте последици од пуштање во промет на храна со лош квалитет и која е небезбедна за консумирање. На тој начин не само што се штити здравјето на човекот, туку и се задржува угледот на компанијата.
Која е разликата помеѓу малите и големите индустриски производители на храна?
Поголемите производители на храна поседуваат посовремена опрема. Просторот за грешка во производството од човечки фактор е сведен на минимум бидејќи поголемиот дел од процесите се машински. Малите производители, пак, се пофлексибилни за работа со цел подобар пласман на пазарот и зголемување на нивната производствена моќ.
Дали во нашата земја генерално има безбедна храна?
Како технолог за квалитет и безбедност на храна имам посетено голем број на фабрики и производствени погони, што е во склоп на моите работни обврски и можам да потврдам дека македонските производители имаат добри капацитети, услови и ресурси за производство на квалитетна и безбедна храна.
Кој е твојот совет за избор на храна и нејзина подготовка, со цел заштита од бактерии и вируси?
Моја препорака е да се избира храна која е добро спакувана во вакуум или стерилизирано или пастеризирано пакување. Свежото овошје и зеленчук пред консумација темелно да се измие. Исто така, ги советутам читателите храната термички добро да ја обработат пред употреба.
Ви препорачуваме да прочитате: Како да изберете безбедно и квалитетно месо.