kako da odgledate kelj doma 1

Како да засадите и одгледате кељ дома во текот на зимските месеци?

Кељот од пред неколку години е прогласен за супер хранлив зеленчук, а тоа се должи на неговата голема хранливост и лековитост. Овој зелен лиснат зеленчук од фамилијата на зелки без проблем може да го засадите и одгледате во својот дом и тоа за време на зимските месеци. Па, вреди да се обидете и да уживате во вкусниот кељ дури и кога надвор има снег.

Главна и основна причина зошто би требало да одгледувате и консумирате кељ е секако неговата нутритивна вредност. Овој зеленчук изобилува со фолати , витамини А и Ц, минералите манган, бакар, калциум, калиум, магнезиум и железо. Исто така, содржи растителни влакна и протеини, а содржи само 33 калории по порција. Она по што кељот е сепак најпознат, е тоа што тој содржи голема количина на витамин К која игра многу важна улога во спречување на згрутчувањето на крвта и превентивно делува против болести на коронарната артерија и остеопороза.

kako da odgledate kelj doma 2

Како да одгледате кељ дома?

Потребни материјали:

  • семе од кељ
  • саксии
  • земја
  • извор на светлина/ЛЕД ламба.

Начин на работа:

  1. Наполнете ги саксиите со земја и во секоја од нив ставете од семето.
  2. Потоа, саксиите полејте ги со вода и прекријте ги со уште еден слој на земја.
  3. Во саксиите насочете директен извор на светлина, а кога ќе ги забележите првите изданоци, изворот на светлина треба да биде одалечен само неколку см од нив.
  4. Саксиите треба да бидат изложени на светлина 14 часа во текот на денот, а земјата треба да биде секогаш влажна.
  5. Иако кељот е многу отпорно растение и без проблем може да се посади и надвор во доцна есен, доколку го посадите дома тој ќе биде интересна занимација за целото семејство. Покрај тоа ќе имате свежи плодови преку целата зима. Исто така, кога одгледувате намирници дома, употребата на пестициди е значително помала, бидејќи повеќе може да го контролирате опкружувањето во кое тие растат.

Совет плус: Младиот кељ е нежен и нема горчлив вкус како старите плодови кои најчесто ги има по маркетите. Младите листови исто така содржат значително поголема количина на витамините Е и А. Може да ги користите за смути, салати или да ги додавате во чорби и варива, а може да ги искористите и како прилог за месо, кратко динстувани на путер или маслиново масло.

Ви препорачуваме да прочитате: 7 докажани здравствени придобивки од употребата на кељ.

Сподели: