печени костени 1

Како најлесно да направите варени и печени костени?

Сигурно и вие го обожавате мирисот и вкусот на печени костени во ладните есенски и зимски денови. Некои од нас повеќе би избарале варени костени, но како и да е костените се здрава храна и треба почесто да ги имаме на нашите трпези.

Постапката за најлесно да приготвување на варени и печени костени за целото семејство, е прикажана на следното видео. Притоа, може да избере еден од понудените начини за варење, или печење на костените во рерна или тава на шпоретот.

Подготовка на костените за варење или печење

Кога купувате костени, треба да знаете дека тие треба да бидат сјајни и цврсти на допир. Без разлика дали ќе ги печете или ќе ги варите костените, најпрво со остар нож пресечете во форма на буквата Х, тоа е важно затоа што за време на печењето костените можат да испукаат. Пресечените костени ставете ги во сад со ладна вода за време од 45 минути. По желба може да додадете сол и зачини во водата.

Варени костени

Најлесниот начин е да ги сварите костените. Ставете ги во сад со ладна вода и варете ги на оган на средна температура за време од 15 до 20 минути. Кога кората ќе почне да се отвора, а костените се меки, садот тргнете го од оган.

Печени костени во рерна

За да ги испечете костените, загрејте ја рерната на 220 степени. Во тавата за печење ставете алуминиумска фолија, а потоа додадете ги костените. Костените печете ги за време од 15 до 20 минути, додека добијат светло кафеава боја и се отвори кората.

Печени костени во тава

Костените исто така може да ги испечете во перфорирана тава. Печете ги на оган на средна температура за време од 15 минути. За време на печењето, превртете ги костените за да се испечат од двете страни. Кога костените ќе се испечат, оставете ги кратко да се изладат за време од 5 до 10 минути, а потоа излупете ги. Важно е да ги излупите костените додека се топли, а ако се изладат, тогаш многу потешко ќе може да ја отстраните кората.

Сподели: