Калциумот е минерал кој што му е потребен на телото за извршување на голем број на функции, а има клучна улога во здравјето на коските.
Покрај тоа, калциумот е значаен за:
- формирање и одржување на коските и забите
- пренос на нервните импулси
- регулација на ритамот на срцето
- му помага на крвните садови за пренос на крвта низ телото
- учествува во ослободувањето на хормони и ензими
Околу 99% од вкупниот калциум во организмот се наоѓа во коските и забите. Останатиот 1% учествува во градбата на крвта и другите ткива. Поради тоа, консумирањето на доволно количество на калциум е особено важно за правилното функционирање на целиот организам.
Симптоми при недостаток на калциум
Доколку имате болки во зглобовите, чести скршеници по телото, несоница, грчеви во мускулите, кршливи нокти, вкочанетост на нозете и рацете, можеби имате недостаток на калциум. Ако имате неколку од наведените симптоми, најдобро е да се советувате со вашиот матичен лекар. Ако не се лекува, долготрајниот недостиг на калциум може да доведе до остеопороза, која води до намалување на еластичноста на коските и појава на скршеници.

Храна богата со калциум
За да ги задоволите потребите на организмот со калциум, најдобро е да консумирате храна која е богата со овој минерал. Најдобри извори на калциум се:
- млечните производи како сирење, јогурт, кашкавал и изварка, имаат највисока концентрација на калциум кој што се апсорбира во телото
- темно зелениот лиснат зеленчук – брокула, спанаќ, кинеска зелка
- грав.
Често пати суплементите кои што содржат калциум, во својот состав често имаат и витамин Д, затоа што овој витамин ја подобрува апсорпцијата на калциумот.
Дневни потреби на организмот за калциум
Количината на калциум која му е потребна на организмот зависи од возраста на луѓето. Дневните препорачани количини се прикажани во милиграми(mg).
Возраст – Препорачана количина
- Бебе до 6 месеци – 200 mg
- Бебе од 7 до 12 месеци – 260 mg
- Дете од 1 до 3 години – 700 mg
- Дете од 4 до 8 години – 1,000 mg
- Дете од 9 до 13 години – 1,300 mg
- Тинејџери 14 до 18 години – 1,300 mg
- Возрасни луѓе 19 до 50 години – 1,000 mg
- Возрасни мажи 51 до 70 години – 1,000 mg
- Возрасни жени 51 до 70 години – 1,200 mg
- Возрасни луѓе над 71 година – 1,200 mg