клуб сендвич со тартар сос

Клуб сендвич со домашен тартар сос

Добро друштво, клуб сендвич и тартар сос! Звучи примамливо, нели? Тоа е нашата омилена комбинација за мезе со пријателите која има уникатен вкус, благодарение на домашниот тартар сос. Популарните залчиња „скоцкани“ во вид на клуб сендвич, кои обично може да се нарачаат во поголем број на мезе барови, сега може да ги направите и дома.

Тајната на нашиот клуб сендвич се крие во добро печените лепчиња и перфектен тартар сос. Ако сте љубител на тартар, ви предлагаме количината на состојките за неговата подготовка, двојно да ја зголемите.

клуб сендвич со тартар сос

Состојки:

  • 4 парчиња леб
  • 2 ленти чедар сирење (во замена може да се користи кашкавал)
  • шункова салама по потреба
  • 2-3 листови марулка
  • 1 домат.

За тартар сос:

  • 6 лажици мајонез
  • 1 кисела краставичка
  • ½ лажичка свежо цеден сок од лимон
  • мелен црн пипер по вкус.

Подготовка:

  1. Најпрво пригответе го тартар сосот. Во мал длабок сад ставете ги мајонезот, свежо цедениот сок од лимон и мелениот црн пипер.
  2. Киселата краставичка изрендајте ја на ситната страна на рендето и заедно со течноста ставете ја во садот со мајонезот. Добро измешајте.
  3. Доматот исечете го на тенки кругови.
  4. Парчињата леб испечете ги во тостер, грил тава или на шпорет.
  5. Парчињата леб премачкајте ги со тартар сос од едната страна.
  6. Врз две парчиња леб ставете шунковата салама, а врз преостанатите парчиња леб ставете чедар.
  7. Над чедарот наредете го сечканиот домат и ставете марула.
  8. Над марулата ставете парче леб со шункова салама.
  9. Едниот сендвич намачкајте го со тартар сос, па врз тартар сосот ставете го и другиот сендвич. Притиснете го сендвичот и ставете 4 чепкалки по краевите за да може полесно да го исечете. Со нож, пресечете го сендвичот на 2 или 4 делови по желба.
  10. Готовиот клуб сендвич послужете го со преостанатиот тартар сос и кечап по желба. Уживајте!

Ви предлагаме да прочитате: Капрезе сендвич со нане.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: