Неодоливиот вкус на овој колач со крем фил од ореви е вреден за секоја калорија! Сочно и кремасто залче за уживање со кафето… Убавини!
Кате го подготви со ореви, како во филот, така и во пандишпанот. Аромата од румот ја надополнува целата вкусна „идила“, треба да се проба!

Состојки:
За пандишпан:
- 4 јајца
- 200 гр шеќер
- 10 лажици вода
- 160 гр мелени ореви
- 160 гр брашно
- 3 лажици афион
- 1 ќесичка прашок за печиво
За крем:
- 200 гр путер
- 140 гр шеќер во прав
- 200 гр мелени ореви
- 100 мл топло млеко
- 1/2 ампула екстракт од рум (или 1-2 лажици по вкус).
Подготовка:
- Прво одделете ги белките од жолчките.
- Со половина од шеќерот изматете ги белките во цврст снег.
- Со другата половина од шеќерот изматете ги жолчките.
- Додајте ја водата и измешајте со жица за матење.
- Во садот со жолчките додајте ги изматените белки и мешајте внимателно во еден правец.
- Додајте го брашното, кое претходно сте го измешале со печивото, оревите и афионот.
- Измешајте со дрвена лажица.
- Изматената смеса ставете ја во плех (со големина 25/35м) и печете на 180 степени, за време од 25 минути.
- Испечениот пандишпан оставете го да се излади.
- Започнете со подготовка на кремот. Со топлото млеко посипете ги оревите и оставете да се изладат.
- Путерот пенесто изматете го со шеќерот во прав.
- Додајте ги оревите и румот и мешајте за да се соедини убаво кремот.
- Нанесете го кремот врз изладениот пандишпан.
- Оставете го колачот да стои неколку часа за да се стегне кремот. Исечете на коцки и послужете. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви препорачуваме да прочитате: Непечена кремаста торта со бисквити.