Празниците се време кое го обожавам, па деновиве се инспирирав за брзо и лесно главно јадење чија подготовка беше во супер друштво! Создадовме убава прилика и поддржани од нашите пријатели Podravka, ја поканивме Александра Шијакоска заедно со другарка и Кика на гости, па ве честам со вкусен и декоративен рецепт за кошнички од мелено месо со фил. Го аранжирав како празничен венец, бидејќи е создаден за уживање на целото семејство! – вели Катерина Шамбевска Спасеновска, фудблогер и еден од уредниците на sezahrana.mk.
Имавме прекрасна и позитивна дружба, разменивме убави искуства и си споделивме совети и предлози за празничното мени годинава. Ако сакате да дознаете повеќе за што сѐ разговаравме, прочитајте ги сите детали во интервјуто кое го направивме истиот ден: Ја учевме да готви празнично мени и заедно со другарка ѝ ни дадоа оценка: Александра Шијакоска за sezahrana.mk

Состојки:
За кошнички:
- 1 кг мелено месо
- 1 ќесичка Vegeta Natur Grill Classic
- 1 лажица Vegeta Maestro димена пиперка
За фил:
- 2 помали јајца
- 2 лажици рендан кашкавал
- 1 лажица ситно сечкан магдонос
- ½ среден домат исечкан на коцки
- сол по вкус
- мелен црн бибер и лук во прав од Podravka по вкус.


За декорација:
- гранчиња рузмарин за венец и друго по желба.

Подготовка:
- Измешајте го месото заедно со зачините, за добро да се распределат, а потоа формирајте долга изедначена форма. Направете 12 топчиња така што ќе пресечете на половина, па секоја половина на 2 делови за да добиете 4 еднакви парчиња, па секое од нив пресечете го на 3 еднакви делови.
- Од секое топче месо, со помош на прстите направете кошничка – отвор во средината за филот.
- Кошничките поставете ги во отворите на калапот за мафини, а потоа во секоја додајте по 1 лажица од претходно измешаниот фил. По желба може да оставите малку од ренданиот кашкавал за да поросите одозгора за подобар изглед на кошничките.
- Печете ги 30-35 минути во претходно загреана рерна на 180 степени. Среќни празници!


А, за многу скоро ве каниме да нѐ посетите пак, ќе го споделиме и рецептот за чоколадни кремасти лампиони кој ни го приготви Марија од нашиот тим.
Автор на рецепт: Катерина Шамбевска Спасеновска – @katerina.shambevska.
Автор на фотографии: @zdravevski.photography.
*Спонзориран рецепт.