Ако сакате да им припремите превкусно предјадење на своите гости или едноставно да припремите мезе кое ќе го поделите со партнерот, децата или целото семејство, топло препорачуваме да ги пробате овие крцкави крокети од свежи шампињони.
Одлични за секоја прилика. Лесни за подготовка, не одземаат многу време, а сигурно е дека ќе бидат причина за насмевка и задоволство на лицето на дегустаторите! А, ако обожавате шампињони еве уште еден супер брз рецепт.
Состојки:
- 500 гр свежи шампињони
- 2 помали варени компири
- 50 гр кашкавал
- 1 јајце
- 5 гранчиња магдонос
- 50 мл доматен сос
- 4 лажици лебни трошки
- 100 гр шунка
- мешан сув зачин, црн пипер, масло, по потреба.
Подготовка:
- Шампињоните изрендајте ги на крупната страна од рендето и ставете ги во тава за пржење. Пржете додека течноста испари, потоа додајте малку масло за јадење и пржете ги уште 5 минути.
- Испржените шампињони исцедете ги преку цедалка и префрлете ги во подлабок сад.
- Шунката исечкајте ја на ситни коцки и додајте ја во садот со печурки.
- Потоа во садот додајте ги варените рендани компири, ренданиот кашкавал, јајцето, сечканиот магдонос, доматниот сос и лебните трошки.
- Наросете црн пипер и мешан сув зачин, па мешајте за убаво да се соедини смесата.
- Со раце оформете крокети, свалкајте ги во лебни трошки и пржете ги во загреано масло.
- Исржените крокети извадете ги на кујнска хартија за да се впие вишокот масло. Иако и ладни се подеднакво вкусни, препорачуваме да ги послужите топли. На здравје!
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви препорачуваме да прочитате: Вкусни пилешки крокети.