Правењето леб може да биде предизвик за повеќето луѓе, но сега имаме супер рецепт кој сигурно ќе ви се допадне. Станува збор за рустичен интегрален леб со маслинки, кој е инспириран од италијанската кујна.
Лесен за правење, не се меси, а воедно е многу здрав. Аромата на свежо печениот леб, крцкавата кора, текстурата се задоволство кое може да си го припуштите, а сигурни сме дека штом еднаш ќе го пробате, редовно ќе биде на вашата трпеза.

Состојки:
- 500 грама интегрално брашно
- 320 мл млака вода
- 15 грама свеж квасец (во замена може да се користи 4 грама сув квасец)
- 1 мала лажичка мед (или шеќер)
- 1 мала лажичка сол
- 100 до 125 грама црни маслинки.
Подготовка:
- Брашното ставете го во сад за месење. Во средината направете дупка.
- Квасецот измешајте го со медот, а потоа заедно измешајте ги со млаката вода (немојте да користите топла вода).
- Квасецот ставете го во средината на брашното и мешајте за да се добие малку хомогена смеса.
- Потоа додајте ги сечканите маслинки. Мешајте со дрвена лажица додека се соединат маслинките, затоа што тестото е многу меко и лепливо. Садот покријте го со најлонска фолија и оставете го на топло место за време од 2 часа.
- По 1 час и 40 минути, во рерната ставете високо тенџере од челик, затворете го со капак и приклучете ја рерната на 215 степени да се загрева.
- Работната површина набрашнете ја и потоа ставете го нараснатото тесно. Без да месите, формирајте кружен леб.
- Кога рерната ќе се загрее на 215 степени, внимателно извадете го тенџерето (внимавајте да не се изгорите затоа што е многу жешко). Тргнете го капакот и ставете го тестото во тенџерето. Потоа ставете го капакот и брзо вратете го тенџерето во рерната.
- Печете за време од 40 минути на температура од 215 степени, а потоа извадете го капакот и продолжете со печењето за време од 15 минути.
- На крај, тенџерето извадете го од рерната и оставете го да се излади за време од 10 до 15 минути.
- Потоа, извадете го и послужете го топлиот интегрален леб со маслинки. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Брза интегрална пита со маслинки и сирење.