Лесен рецепт за рижото со пилешко месо и грашок

Лесен рецепт за рижото со пилешко месо и грашок

Кремасто, ароматично и превкусно! Тоа е она што го прави италијанското рижото омилено јадење на многумина. Скоро секој италијански град има свој традиционален рецепт за подготовка на овој специјалитет. Може да се направи со зеленчук, печурки и разни зачини, а ние ви предлагаме да пробате рижото со пилешко месо и грашок. Нема да ви одземе многу време, а сигурни сме дека ќе им се допадне на сите!

Ова е одличен предлог за оние денови кога немате идеја што да зготвите, а ви останало пилешко месо од претходниот ден или ручек. А за да го направите овој рецепт за рижото со пилешко месо и грашок не треба да сте професионалец во кујната. Доволно е да имате желба и да ги следите чекорите за подготовка. Сигурни сме дека ќе направите специјалитет како од врвен италијански ресторан.

Лесен рецепт за рижото со пилешко месо и грашок

Состојки:

  • 250 г приготвен (варен, пржен или печен) пилешки стек
  • 200 г замрзнат грашок
  • 2 лажици маслиново или сончогледово масло
  • 1 главица кромид
  • 2 чешниња лук
  • 250 г ориз
  • 100 мл бело вино
  • 1 коцка за пилешка супа
  • 75 г пармезан
  • 25 г путер
  • сол и црн пипер по вкус.

Подготовка:

  1. Во тенџере на оган ставете 1 л вода да се вари. Во зовриената вода додајте ја коцката за супа и варете околу 5 минути.
  2. Кромидот и лукот ситно исечкајте ги.
  3. Во голема нелеплива тава на оган (на умерена температура) и загрејте го маслото. Додајте ги кромидот и лукот и пржете 2-3 минути додека омекнат.
  4. Додајте го оризот и убаво измешајте. Ставете половина од виното и оставете да испари 30-40 секунди. Потоа, додајте го пилешкиот бујон, измешајте и оставете да зоврие.
  5. Намалете ја температурата и оставете да вари околу 10 минути (без да биде тавата покриена со капак). Повремено мешајте додека рижотото стане кремасто. Потоа, додајте го преостанатото вино.
  6. Во тавата додајте го пилешкото месо исечкано на коцки и грашокот. Продолжете со варење уште 4-5 минути.
  7. Штом оризот омекни, тргнете ја тавата од оган. Додајте ги путерот и пармезанот, и измешајте. Зачинете со сол и црн пипер по вкус.
  8. Покријте ја тавата со капак и оставете ја 5 минути. Потоа сервирајте, декорирајте со свеж магдонос и пармезан по желба и послужете. На здравје!

 

Ви препорачуваме да прочитате: Домашна чорба со пилешко месо и зеленчук.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: