Мексиканската кујна е препознатлива по различните вкусови, шареноликоста, декоративноста, големиот број на зачини и состојки, и секако чили пиперките кои и го даваат карактеристичниот лут вкус. Токму поради тоа, таа е совршена за љубителите на лути јадења. Па, ако ја обожавате оваа кујна, пробајте го рецептот за мексиканското вегетаријанско чили кое во целост го отсликува духот на мексиканската храна.
Карактеристично е што ова јадење се приготвува со варен грав, зачини и доматен сос. Најчесто се служи со рендан кашкавал и печени тортиљи. Токму, неговиот вкус и мирис ќе ви доближат дел од мексиканската култура. Богатството на мексиканската кујна и нејзината традиционална важност беа признаени и од Унеско во 2010 година. Доколку се уште не сте ја пробале, време е да си приготвите едно интересно и лесно мексиканско јадење и да уживате во неговиот препознатлив вкус.

Состојки:
- 4 пченкарни тортиљи
- 1,2 килограми варен мешан грав (црвен, бел и црн)
- ¼ чаша маслиново масло
- 1 поголема главица кромид, ситно исечкана
- 1 црвена пиперка
- 1 лута пиперка – по можност чили, по желба
- 2 чешниња лук, ситно исечкани
- 2 лажици лут пипер
- 1 лажица ким
- 3 чаши доматно пире
- 1 кисела павлака, по желба за сервирање
- 100 грама рендан кашкавал, чедар сирење или некој друг потврд кашкавал
- кориандер, магдонос или ситно сечкан млад кромид по желба за сервирање
- сол по вкус.
Подготовка:
- Најпрво сварете го гравот. За подготовката на ова јадење доволно е да користите 300 до 400 грама неварен грав. За да заштедите време, гравот може да го сварите претходниот ден или пак да користите варен грав од конзерва.
- Тортиљите наредете ги на плех кој претходно сте го премачкале со маслиново масло. Печете ги во загреана рерна на 200 степени за време од 6 минути, додека поруменат. За време на печењето, превртете ги за да се испечат подеднакво од двете страни. Откако ќе се изладат, пресечете ги на парчиња.
- Пиперката и кромидот исечкајте ги на поситни парчиња.
- Во тенџере на оган ставете малку маслиново масло да се загрее. Во загреаното масло додајте ги ситно сечканите кромид и пиперка. Пржете ги додека омекнат.
- Потоа додајте ги лукот, лутиот пипер и ким. Продолжете со пржењето уште 2 минути.
- Во тенџерето додајте го доматното пире и посолете по вкус.
- На крај, додајте го варениот грав и дополнете со 2 ½ чаши вода.
- Вака подготвеното чили варете го околу 15-20 минути се додека се згусти.
- Од оваа количина ќе добиете околу 4 порции мексиканско вегетаријанско чили со грав. Чиниите со приготвеното чили сервирајте ги со рендан кашкавал и ситно сечкан млад кромид. Послужете ги заедно со печените тортиљи и павлака по желба. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Чили кон карне – традиционално мексиканско јадење.